ПОВЕЌЕ

    ЗА ДОМАШНОТО ГРАДЕЖНИШТВО КАТАНЕЦ, ЗА СТРАНЦИТЕ ДВЕ МИЛИЈАРДИ Евра

    Време зa читање: 3 минути

    Речиси две милијарди евра ќе се одлеат на странски градежни компании и ќе се дадат на странски работници, наспроти 80 милиони евра кои ќе завршат кај домашните компании и домашните работници – предупредија на заедничката прес конференција од Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) и Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали при Стопанската комора, од каде што под итно бараат средба во Владата. Состојбата во градежништвото е алармантна, пред се поради тоа што големите инфраструктурни проекти ги добиваат странски компании, одливот на градежни работници е сериозен, па домашните градежници имаат нерешливи проблеми.

    „Процентите се застрашувачки, бидејќи 96 проценти од вкупните пари што ги плаќаме ние и граѓаните ќе одат во странски фирми и за странски работници, наспроти домашните компании кои се пред ставање клуч на врата“, нагласи претседателот на СГИП, Иван Петрушевски.

    Најновиот договор потпишан со конзорциумот „Бехтел и Енка“, за изградба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д, според нив е безобразен. Зашто, се даваат 1,3 милијарди евра само за изградба, без направен проект и експропријација. Притоа, Петрушевски потсети дека истиот конзорциум пред една година падна на Уставен суд, поради барањето вработените да работат во просек по 60 часа неделно. „Тоа значи дека државата е расположена да дава средства и да ги прекршува законите кои ги носи, да не ги почитува меѓународните конвенции на Меѓународната организација на трудот, како што е Конвенцијата 94 која укажува дека 51 процент од домашниот пазар, сметајќи вработени, проектирање и изведба, треба да биде на домашните компании“, посочи тој.

    Синдикатот и Здружението се сомневаат дека ќе бидат ангажирани домашни компании во проектот, имајќи ги предвид искуствата како оваа компанија работела во други држави. Сепак, засега немаат конкретни информации за потпишаниот договор. „Договарање во четири очи, договарање во услови каде што домашните компании не се конкурентни, не е пример за изградба на сектор кој би имал успех. Доволно е да се погледне наоколу и во другите европски држави, за да се сфати дека нема голема компанија без голема поддршка од државата, нема голема компанија без примена на домашни ресурси и домашни работници, така што како компании сме изненадени што за се она што е финансирано од ЕУ, ЕБРД, Светска банка, не ги задоволуваме условите, а во странство задоволуваме услови да настапиме сами“, категоричен е Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништво.

    Уште повеќе, во изминатиот период две од трите делници на железничката пруга 8 во вредност од 200 милиони евра им беа доделени на странци. Сега, повторно ќе добијат 1,3 милијарди евра за Коридорите 8 и 10Д. „Нејасно е како условите за работа за странските компании се поповолни отколку за домашните компании, а важечките прописи не предвидуваат механизми за заштита на домашниот пазар“, го изрази Серафимовски револтот на целата фела.

    И, доколку не наидат на слух кај Владата за овој проблем, од СГИП и Здружението на градежништво најавуваат дека ќе ги информираат Европската и Светската федерација за градежништво.

    Статистиката, пак, немилосрдно покажува дека во последните пет години бројот на градежни работници е паднат под 50 илјади, а само за една година е намален за околу 12.000 работници.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично