ПОВЕЌЕ

    ИНВЕСТИТОРИТЕ ВОЗДРЖАНИ НА ПОЧЕТОКОТ НА ГОДИНАТА: Новоотворени 150 фирми помалку од лани

    Време зa читање: 4 минути

    Анализа: Во кои градови и во кои дејности има најмногу новоотворени компании

    Во првиот квартал од годинава имало 1832 новоотворени фирми, но тоа е за околу 150 помалку отколку во истиот период лани, кога имало 1983 новоотворени компании, покажува анализата на Пари во соработка со платформата Бизнис мрежа.мк. Овој податок ја отсликува неизвесноста со енергетската криза и другите економски последици од војната во Украина, кои од крајот на минатата година предизвикаа уште поголема воздржаност на инвеститорите отколку во 2021 година, кога светот уште беше под големо влијание на пандемијата со корона-вирусот.

    Сепак, податоците кажуваат дека во првиот квартал од оваа година имало повеќе отворени отколку затворени компании. Порталот Пари веќе ја објави анализата за затворените компании во првиот квартал од годинава http://pari.com.mk/zavrsnite-smetki-gi-postedija-firmite-od-zgasnuvanje-vo-prv-kvartal-zgasnati-tri-pati-pomalku-firmi-od-lani/. Според податоците за трите месеци годинава згаснале 1012 компании, што значи дека бројот на новоотворените компании е поголем за 820 фирми. Но, годинава првпат на сила стапи нова законска регулатива, според која го немаме големото февруарско бришење на фирми што не доставиле завршни сметки од страна на Централниот регистар.

    НАЈГОЛЕМ ДЕЛ ОД ФИРМИТЕ ШТО СЕ ОТВОРИЛЕ ВО ЈАНУАРИ БИЛЕ МИКРО

    Интересен податок е што најмногу новоотворени компании имало во јануари, а потоа, како растела неизвесноста, се намалувал и интересот за отворање на фирми.

    01.01.2023 31.03.2023 (по месец на основање)
    МесецВкупно новоосновани
    Јануари698
    Февруари565
    Март569
    ВКУПНО1832

    Извор: БизнисМрежа.мк

    Податоците покажуваат дека најмногу се отвораат микрофирми. Имено, од 1832 фирми, 1830 се микро, а само две се средни компании. Овој податок оди во прилог на националната статистика. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, објавени на 24 март, а кои се однесуваат на 2021 година, во државата имало 70424 активни деловни субјекти, а податоците за структурата на активните претпријатија според бројот на вработени покажуваат дека најголемо учество, од 82.5 %, имаат претпријатијата со 1 до 9 вработени.

    НАЈМНОГУ ОТВОРЕНИ ФИРМИ: СКОПЈЕ, БИТОЛА, ТЕТОВО…

    Порталот Пари, како и секогаш, ги става „на кантар“ бројките за да „извага“ каков тренд продолжува: Во кои градови има најголем интерес за новоотворени фирми? Нормално е дека секогаш приматот го држи Скопје, додека другите 4 градови во првата петорка речиси секогаш се истите, со мали отстапувања низ анализираните квартали.

    Во Скопје, во првиот квартал од годинава се отвориле 844 фирми, или 46 % од вкупниот број на новоотворени компании. Оваа бројка покажува поголема концентрација на новоотворените фирми од лани, кога за цела 2022 година, уделот на новоотворени компании во Скопје во вкупниот број на новоотворени компании во Македонија бил 38,8 %.

    На второ место по број на новоотворени фирми е Битола, со 88 нови фирми, но иако е на таа позиција, тоа е скромен удел од 4,8 % на новоотворени фирми во вкупниот број на фирми.

    На трето место е Тетово, со 76 фирми, а потоа се Охрид, со 64, и Куманово, со 60 новоотворени фирми.

     

    ТОП 5 градови по новоотворени фирми

    ГрадНовоотворени фирми во прв квартал 2023
    Скопје844
    Битола88
    Тетово76
    Охрид64
    Куманово60

    Извор: БизнисМрежа.мк

    ЗА ТРИ МЕСЕЦИ ЕДВАЈ ПО ЕДНА ФИРМА

    Пари анализира и каде има најмалку отворање на фирми. Забележавме дека во 8 населени места има само по една нова фирма, во 7 по две нови, во 2 по три нови фирми…

    Населени места со по една новоотворена фирма во првиот квартал од 2023 година се: Градско, Зрновци, Карбинци, Кривогаштани, Македонска Каменица, Пехчево, Старо Нагоричане, Чешиново-Облешево.

    ВООБИЧАЕНО, ТРГОВИЈАТА  НАЈАКТИВНА

    Во отворањето, како и во затворањето на компаниите, првото место го зазема трговијата. Она што може да се види од податоците е дека во првите 5 дејности по новоотворени фирми ја нема преработувачката индустрија, која, пак, беше втора дејност по затворени фирми во првиот квартал од годинава.  Што се однесува, пак, на хотелско-угостителската дејност, како и на дејноста под шифра „стручни, научни и технички дејности“ – таму имало и затворања и отворања на фирми што ги позиционирале во првите 5 најдинамични дејности.

    Податоците покажуваат дека во првиот квартал од годинава најмногу фирми се отвориле во трговијата – 439, па во други услужни дејности – 203, во стручни, научни и технички дејности – 195, во објекти за сместување и сервисни дејности со храна – 171, и во градежништво – 141.

    ТОП 5 дејности по отворени фирми во прв квартал 2023

    ДејностНовоотворени фирми во прв квартал 2023
    ТРГОВИЈА НА ГОЛЕМО И ТРГОВИЈА НА МАЛО; ПОПРАВКА НА МОТОРНИ ВОЗИЛА И МОТОЦИКЛИ439
    ДРУГИ УСЛУЖНИ ДЕЈНОСТИ203
    СТРУЧНИ, НАУЧНИ И ТЕХНИЧКИ ДЕЈНОСТИ195
    ОБЈЕКТИ ЗА СМЕСТУВАЊЕ И СЕРВИСНИ ДЕЈНОСТИ СО ХРАНА171
    ГРАДЕЖНИШТВО141

    Извор: БизнисМрежа.мк

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично