ПОВЕЌЕ

    Во октомври Македонија посетена од 94.165 туристи – најмногу Турци, само 11 Белоруси

    Време зa читање: 2 минути

    Турците и во октомври се најбројните гости во Македонија. Со месеци наназад се на врвот од листата насловена „број на туристи и ноќевања по земја на припадност“. Статистика покажува дека во десеттиот месец нивното присуство е речиси преполовено во споредба со летната сезона, но сепак, и со регистрирани 19.658 лица, немаат конкуренција. Во вкупната структура учествуваат со 29,4 проценти. Кај реализираните ноќевања процентот е 23,6, а бројката е 27.979.

    Следуваат соседите Срби, кои во октомври се 4.480 со 8.855 ноќевања. Од Германија дошле 4.263 лица (8.044 ноќевања), а од Грција 3.939, при што од нив статистиката регистрирала 6.719 ноќни престои.

    Во октомври најмалку туристи имало од Белорусија, само 11.

    Во октомври, во земјава се забележани 94.165 туристи. Соодносот меѓу домашните и странците е 28,9% спрема 71,1%, односно 27.257 и 66.908. Според податоците од Државниот завод за статистика, тие оствариле 187.272 ноќевањ: од домашните туристи 68.763 (36,7%) и од странските 118.509 (63,3%).

    Во текот на десетте месеци, пак, од јануари до октомври, во Македонија престојувале 1.046.187 лица, а тоа претставува зголемување од 21,2 насто, споредено со истиот период од претходната година. Кај нашинците растот е минимален – 0,1 процент или изразено со бројки 391.862. Странците ги има повеќе – 654.325, односно се работи за плус 38,6 проценти. Слични се движењата и во сегментот ноќевања, но тука предничат домаќините, иако процентуалното поместување е ниско. По едногодишното зголемување од 9,8 насто, забележани се 2.886.551 ноќевање – 1.256.178 од странски (раст 23,5%) и 1.630.373 (1,1%) од домашни гости.

    Што деловно, што туристички, најголем број од туристите се евидентирани во главниот град. Скопје го посетиле 36.462 лица, домашни 4.217 и странци 32.245. Зад себе имаат 61.620 ноќевања (од нашинци 6.806, од странци 54.814).

    Октомври беше топол месец, па убавото време за престој во крајезерските места го искористиле 34.297 лица – домашни 12.498 и странци 21.799. Таму се направени 64.444 ноќевања, 36.028 од луѓе дојдени од странство и 28.416 од домашни гости.

    Хотелите им биле првиот избор за сместување. Во октомври, во хотелските објекти низ Македонија се запишале 84.028 гости, од кои домашни 19.722, а странски 64.306 Реализирани се 154.295 ноќевања. Од домашни 41.821 и од странски туристи – 112.474.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично