ПОВЕЌЕ

    Во Охрид денес се одржува 21. Годишна берзанска конференција

    Време зa читање: 4 минути

    Традиционалниот настан, Годишната берзанска конференција, која се одржува повеќе од две децении, почна денес во Охрид, по пауза од две години. На Годишната конференција, на која вообичаено присуствуваат бројни домашни и меѓународни експерти, претставници од бизнис секторот, банки, брокерски куќи и акционерски друштва се предвидени два централни панела и повеќе презентации.

    Покрај воведните обраќања на 21-вата Годишна берзанска конференција на министерот за финансии Фатмир Бесими, претседателката на Комисијата за хартии од вредност, Нора Алити и главниот извршен директор на Македонска берза, Иван Штериев, фокусот на годинешната берзанска конференција ќе биде ставен на геополитиката, енергетиката, банките и новите проекти на Берзата. Претставници на четирите најголеми македонски банки ќе дискутираат за најновите случувања во секторот на првиот панел, насловен „Банките во новата реалност, а вториот панел ќе биде посветен на енергетиката „Ќе има ли долга и студена зима?“.

    На настанот обезбедено е учество на водечки консултанти од Велика Британија и од Холандија како креатори на двата стратешки документи на Берзата, Кодекс за корпоративно управување и Водичот за ESG известување на котираните компании. Исто така, претставничката на PwC, реномирана компанија, позната како глобален лидер во услуги од јавниот сектор, Ањешка Гајевска ќе одржи предавање под наслов “Како да се успее во изменетиот свет, промената како нова константа – како да се натпреварувате и да успеете на пазарите кои постојано се менуваат“, а со свое излагање ќе настапи и Армен Григоријан, постојан претставник на Програмата за развој на Обединети нации (УНДП) во Република Северна Македонија.

    Првиот панел, насловен како „Банките во новата реалност“ ќе ги донесе излагањата на Тони Стојановски, член на Управен одбор и Генерален директор за корпоративно банкарство, Стопанска банка АД Скопје, Санел Кустурица, претседател на Управeн одбор, Шпаркасе Банка АД Скопје, на Бранко Грегановиќ,претседател на Управен одбор, НЛБ Банка АД Скопје, како и на Маја Стевкова Штериева, претседател на Македонска банкарска асоцијација.

    Свое излагање на тема „ESG известување – потреба или помодарство?“, ќе има Wouter Scheepens, Партнер, од Steward Redqueen, Холандија, за „Добро корпоративно управување – што носи новиот Кодекс на Македонска берза?“ ќе зборува Chris Hodge, специјален советник, Nestor Advisors, Велика Британија, додека за тоа „Зошто е важно да се има политика за односи со инвеститори“ свое излагање ќе има Marko Čižmek, Член на Управен одбор, Валамар Ривиера, Хрватска. На темата “Како подобро да се подготвите за процесите на спојувања и аквизции“ ќе зборува Hugh Owen, Надворешен советник, M&A, Legal, PWC.

    Во попладневната сесија, на тема „Економски и геополитички шокови – што знаеме, а што не знаеме?“ се очекува да настапи Velimir Šonje , основач и директор, Архиваналитика, Хрватска. На вториот панел, пак, што треба да се одржи во попладневните часови, на тема „Енергетика – ќе има ли долга студена зима?“, воведна презентација ќе има Pletser Tamás, CFA на Group Research, Erste Bank од Унгарија, а ќе учествуваат и  Anže Predovnik, генерален директор, BSP Energy Exchange, Словенија, Драган Мијалковски, директор, Челичарница, МАКСТИЛ АД Скопје и Ристо Јаневски, директор, Енергетско планирање и развој, ОКТА АД Скопје.

    На тема „Излегување на берза“ – може и на Балканот, ако се сака…“ ќе дискутираат: Manyu Moravenov,  главен извршен директор, Бугарска берза и Hristo Hristov, основач и извршен директор, HR Capital, Бугарија, на тема „Пазарите на капитал во земјите на ЕБРД“ ќе зборува Attila Tot од Европска банка за обнова и развој, додека за „IPO global watch – што е ново?“ ќе дискутираат Bartosz Margol и Maja Vukadinovic од PwC Полска.

    Македонска Берза веќе две децении години традиционално организира годишни конференции и овие настани веќе се со препознатлив имиџ, како во однос на актуелноста на темите кои се предмет на дискусија, така и во однос на компетентноста на учесниците во бројните панели и одржани презентации и говори.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично