ПОВЕЌЕ

    ВО „ЕУРОНИКЕЛ“ ТЛЕАТ И ПЕЧКАТА И НЕИЗВЕСНОСТА за опстанокот на фабриката

    Време зa читање: 2 минути

    Печката не е изгасната, и натаму е во фаза на топло одржување, но неизвесноста во некогашното „Фени“, а сегашен „Еуроникел индустри“ продолжува. Вработените, 800 на број, стравуваат за работните места, а Синдикатот кој ги штити нивните интереси писмено се обрати до бордот на ГСОЛ и до директорот Димитрис Пасос.

    Со дописот го потсетуваат раководството на неисплатената септемвриска плата, како и на ветувањата дека работите ќе се подобрат, за растот и на производството и на месечните примања. Притоа, од Синдикатот посочуваат дека состојбите се катастрофални, печката само се грее, производство нема, а вработените се принудени месецот да го преживеат со минимална плата. „Работниците се чуствуваат излажани и крајно револтирани и бараме нашиот труд веднаш да биде платен“, пишува во дописот.

    Во тој контекст и барањето да се обезбеди иднината на фабриката и работните места, како што им било ветувано.

    „Ветувавте дека и ГСОЛ има план и други инвеститори ќе дадат план и фабриката ќе работи. Каде се сега тие планови за работа и зошто не се остваруваат? Денес фабриката не работи, платата не е исплатена, нема најава за руда, за почеток на производство, за решавање на нашиот статус и нашата иднина. Директоре, 800 вработени, 800 семејства ве чекаат да го исполните ветеното“, нагласуваат од Синдикатот.

    Минатата недела вработените со истите овие барања во неколку наврати го блокираа влезот на кавадаречката фабрика. Од раководството засега не се изјаснуваат, но познавачите предупредуваат дека затворањето на „Еуроникел“ негативно ќе се рефлектира врз домашната економија. Сепак, укажуваат, не може да се очекува рентабилно работење во услови на скапа струја од една и на ниски пазарни цени на никелот, од друга страна. Но, во секој случај, најдобро ќе биде фабриката да не згасне.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично