ПОВЕЌЕ

    ВИ ќе „зборува“ и македонски: стартува националниот проект „Везилка“

    Време зa читање: 3 минути

    Македонија го прави досега најголемиот исчекор во областа на вештачката интелигенција. Денес официјално започна проектот „Везилка“ – првиот Национален центар за вештачка интелигенција, кој треба да стане клучна инфраструктура за развој на знаење, иновации и современи технолошки решенија во земјата.

    Проектот се реализира во партнерство меѓу Владата, Министерството за дигитална трансформација, академската заедница и Европската Унија, а носител е Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). „Везилка“ е избрана за финансирање преку програмата Horizon Europe и иницијативата EuroHPC, со што Македонија станува дел од европската мрежа на AI Factory Antennas.

    Сакаме да ја подготвиме државата за тоа што допрва доаѓа, рече проф. д-р Димитар Трајанов од ФИНКИ, кој пред присутните го презентираше овој значаен проект:

    „Името ‘Везилка’ има симболично значење. Идејата е дa поврзува мали бодови и од нив да се направи голема слика. Сакаме да ги поврземе луѓето со знаење, да ја поврземе традицијата со иднината“.

    Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски оцени дека проектот претставува системска инвестиција во иднината на државата и во развојот на домашниот технолошки потенцијал.

    „Денес поставуваме темел на една нова национална инфраструктура за знаење, иновации и технолошки развој. Ова е проект што ги поврзува науката, технологијата, институциите, бизнисот и младите таленти во заедничка визија за иднината“, истакна Андоновски.

    Според него, преку „Везилка“ земјата ќе добие директен пристап до европските суперкомпјутери, напредни податочни простори и најсовремени алатки за развој и тестирање на модели базирани на вештачка интелигенција.

    Еден од клучните сегменти на проектот ќе биде развојот на македонски јазични модели и зајакнувањето на присуството на македонскиот јазик во новите генерации системи за вештачка интелигенција.

    „Во ерата на вештачката интелигенција, дигиталното присуство на македонскиот јазик станува прашање на зачувување на културниот идентитет. Нашата цел е македонскиот јазик да биде рамноправно присутен во идните генерации на ВИ системи“, нагласи Андоновски.

    Покрај научно-истражувачката компонента, центарот ќе работи и на развој на практични решенија за здравството, енергетиката, земјоделството и јавната администрација. Предвидено е и формирање центар за обуки, трансфер на знаење и развој на кадри, со цел создавање домашен човечки капитал во една од најбрзо растечките индустрии во светот.

    Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека „Везилка“ е инвестиција во знаење, талент и конкурентност, нагласувајќи дека идниот развој на државите ќе зависи од нивната способност да вложуваат во иновации и нови технологии.

    Националниот центар ќе биде поврзан со европската AI фабрика „Фарос“ во Грција и ќе стане дел од поширокиот европски екосистем за вештачка интелигенција. Со тоа ќе се отворат нови можности за македонските истражувачи, компании, стартапи и институции да учествуваат во заеднички европски проекти и развојни програми.

    Со стартот на „Везилка“, Македонија за првпат добива организирана национална платформа преку која ќе може не само да ги користи, туку и активно да ги создава технологиите што ќе ја обликуваат дигиталната иднина.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично