ПОВЕЌЕ

    Туризмот со добар старт во јануари – Меѓу сите Турци, Срби, Грци… и двајца туристи од Океанија

    Време зa читање: 2 минути

    Туристите домашни, а повеќе странските, во зголемен број ги посетуваат македонските градови и туристички локалитети. Статистиката ги бележи позитивните трендови, кои за јануари покажуваат дека е подобар од првиот месец од 2023 година. И по бројот на посетителите и по бројот на ноќевањата. Најбројни меѓу нив повторно се Турците, кои во структурата на гостите партиципираат со 19,3, а кај ноќевањата со 20,2 проценти.

    Македонија во јануари угостила 47.761 лице. Податоците од Државниот завод за статистика упатуваат на тоа дека 40,4 отсто од нив биле домашни – 19.317, а 59,6  проценти странски туристи – 28.444. Зад себе оставиле 102.079 ноќевања. На страната на дојденците се запишани 52.706, а кај нашинците 49.373 ноќевања. Или, соодносот е 51,6 спрема 48,4 проценти.

    Споредено со јануари 2023, кај туристите има раст од 10,1, а кај ноќевањата од 15,2 насто. Што се однесува до домашите гости, нивниот број е зголемен за три проценти, додека на странците – за 15,5 насто. По таа линија, и ноќевањата остварени од странските туристи се повисоки за 18,8, а на домашните за 11,5 проценти.

    И во првиот месец од годинава најпосетуван бил главниот град, па потоа езерските места. Во Скопје се регистррани 17.355 туристи, домашни 2887 и странски 14.468. Нешто помала е бројката – 11.199, на гостите кои престојувале или само наминале во крајезерските места. Од нив 5.185 биле домашни, а 6.014 странски гости.

    Хотелското сместување бил првиот избор на туристите. Во ануари се пријавиле вкупно 41.913 готи, од кои домашни 14.352, а странски 27.561.

    И натаму Македонија е најпосетувана од туристите што доаѓаат од Турција. Во јануарската статистика се забележани 5.503 Турци, кои реализирале 10.657 ноќевања. Вообичаено, зад нив се Србите – 3.298 на број и со 5.882 ноќевања. Потоа следуваат 3.242 туристи од Грција со 5.281 ноќевање.

    Интересни се и статистичките податоци за најмалиот број дојденци во земјава. Забележани се двајца од други земји од Австралија и Океанија, со запишани пет ноќевања. Од Белорусија биле тројца и имало четири ноќевања, од Исланд четворица со осум ноќевања. Во јануари од Нов Зеланд дошле шестмина и регистрирани се девет ноќевања, од Латвија биле осуммина со 22 ноќевања, а од Јужна Африка биле дојдени 10 туристи, кои остварле 13 ноќевања.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично