ПОВЕЌЕ

    Трговците ги намалија цените, ДПИ на терен, пијалаците следни за поевтинување

    Време зa читање: 2 минути

    Трговците ја почитуваат владината одлука за намалување на цените на прехранбените производи за најмалку десет отсто, смета министерот за економија, Крешник Бектеши. Инспекторите на Државниот пазарен инспекторат се на терен и до крајот на ноември ќе ја следат состојбата со цените во трговската мрежа. Доколку граѓаните забележат недоследности, треба веднаш да реагираат и да пријават во ДПИ.

    „Повеќе од задоволен сум од тоа што вчера се случуваше во секторот трговија, посебно од компаниите и сите ланци маркети, но и од производителите и дистрибутерите. До денешниот ден, пред оваа посета, добивме неколку писма од наши производители, генерално на минерална вода, сокови и на светло пиво, кои од наредната недела ќе почнат со намалување на цените од минимум десет отсто, намалување директно од страна на производителите“, посочи Бектеши кој беше во посета на логистичкиот центар на КАМ маркет.

    Прашан дали Министерството е запознаено со информациите дека производителите на месо не доставуваат свежи производи до маркетите за да ги продаваат во своите продавници без издавање фискална сметка, министерот одговори дека Владата носи одлуки кои се задолжителни за секторот трговија, во кои е вклучено и месото.

    Од менаџментот на „Кам“ велат дека се уште не направиле пресметките, но сигурно е дека со поевтинувањата добивката ќе се намали.

    „Ситуацијата е таква, мора да се соочиме со тешкиот момент во државата. Секоја цена што ќе ја ставиме на рафт од 99 на 100 денари ни е голем пораз. И без мерките правиме максимални напори. Има моменти кога мора да се надминеме себеси. Потребни се подолгорочни мерки во целото стопанство за да бидеме сите поефикасни“, посочуваат од „Кам“.

    „Гарантираните цени“ на стотици прехранбени артикли стартуваа вчера, а идната недела таа назнака ќе ја добијат одделни безалкохолни пијалаци и видови пиво. Со примената на оваа мерка, министерот за економија очекува да се намали стапката на инфлација во делот на храната и да дојде до четири-пет проценти.

    За непочитување на владината одлука инспекторите ќе можат да затвораат објекти.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично