ПОВЕЌЕ

    TOW: Приоретизирање на приоритетите

    Време зa читање: 4 минути

    Пред некој ден, во еден разговор околу моите приоритети, не знаев од кој да почнам и соговорничката ми рече: почни од најбаналниот. Искрен да бидам, почнав еден по еден да ги анализирам, речиси добри 5 до 10 минути и не знаев да кажам кој е најбанален, односно не знаев од кој да почнам. Секој приоритет ми беше некако најважен.

    Заврши средбата, а јас уште размислував за тоа кој е најбанален, но сепак е приоритет и кој е најприоритетен и не толку банален. Се вртев во круг. За да и вие не се вртите во круг, еве ви некои совети кои може да ви помогнат како да приоретизирате кога сè ви е приоритет:

    1. Листа на работи

    Направете листа на сите работи кои треба да ги направите. Поделете ги работите според работи кои треба да ги направите во текот на денот, во текот на неделата, во текот на месецот.

    1. Итно наспроти важно

    Веќе кога е направена горната поделба, сега е на ред поделба по итност наспроти важност. Итно е ако работата која треба да ја завршите, доколку не се заврши до крајот на денот или во следните неколку часа, ќе има сериозни негативни последици (пропуштен рок на клиентот; пропуштено објавување или објавување рокови, итн.).

    1. Тежина/вредност на работата

    Следно, погледнете ги итните работи и селектирајте ги во однос на тоа која носи најголема вредност за вашиот бизнис и организација. Исто така, во оваа фаза, многу е важно да процените и дали работите кои се со голема вредност треба да ги направите сами или тие зависат и од други луѓе.

    1. Подредување според напор на извршување

    Направете проценка каде што сметате дека ќе треба да се вложи најголем напор за да се заврши работата. Ова ви го кажувам затоа што најновите студии велат дека прво треба да почнете со работите на кои им треба многу време. Но, ако се чувствувате како да не можете да се фокусирате на подолгите работи, пред да завршите некоја пократка задача, тогаш направете го тоа. Може да биде мотивирачки да извршите некоја помала задача, па дури и надвор од списокот, пред да се нурнете во подлабоки води.

    1. Флексибилни и адаптибилни

    Имајте предвид дека приоритетите, итноста и важноста се менуваат. Она што вчера било итно, може денес веќе да не е, па бидете адаптибилни и флексибилни да ги менувате приоритетите. Секако, ова не значи дека не треба да се заврши работата туку само нејзино кратко одложување. Но, доколку ви останува уште малку време за да ја завршите работата, тогаш завршете ја!!!

    1. Ревизија на листата

    Теоретски и практично (од искуство) е дека човекот во текот на целиот ден (без делот кога спиеме) може да заврши (квалитетно) максимум 7 задачи од кои 5 се поврзани со работа, а само 2 приватно. Затоа, правете ревизија на листата, може нешто ќе отпадне, може нешто ќе се додаде, но секако не смее да се заборави! Но, за денот фокусирајте се на работи кои знаете дека мора денес да ги направите и НАПРАВЕТЕ ГИ!!

    Со успех во промените,

    @kalinbabusku
    Член на тимот
    МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ Консалтинг
    www.macedonia-export.com

    „Tip of the Week“ се авторски текстови што се објавуваат на www.pari.com.mk во соработка со www.tipoftheweek.co обработуваат теми од секојдневниот живот коишто помогат да го подобрите вашето лично и професионално работење. Како сублимат на првите 100 совети издадени се единствените прирачници за личен и професионален развој:

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично