
Светот забрзано гради електрични автомобили, центри за податоци и нови енергетски мрежи, но се соочува со проблем што ни најнапредната технологија не може лесно да го реши – недостиг од бакар. Металот што со децении се користи во електричните инсталации станува една од најважните суровини за економијата на иднината, а најновите прогнози предупредуваат дека неговото производство нема да може да ја следи побарувачката.
Според анализата „Transition Metals Outlook 2026“, објавена на 20 октомври од BloombergNEF, глобалниот недостиг од бакар би можел да достигне 20 милиони тони годишно до 2050 година, што претставува дури 44 проценти од очекуваната побарувачка. Првите знаци на недостиг се предвидуваат веќе во 2028 година, а за да се ублажи проблемот ќе бидат потребни инвестиции од 332 милијарди долари во нови рудници.
Најинтересно е што бакарот станува исклучок меѓу суровините неопходни за енергетската транзиција. Од десетте анализирани материјали, за девет се очекува доволен производствен капацитет до средината на векот, под услов да продолжат инвестициите. Кај бакарот, пак, јазот меѓу производството и потребите се продлабочува.
Побарувачката за овој метал се очекува да порасне за 61 процент од 2026 до 2050 година и да достигне речиси 46 милиони тони годишно. Особено голем раст се предвидува во електрифицираниот транспорт, каде што употребата на бакар би можела да се зголеми за 244 проценти, на 11,4 милиони тони.
Проблемот не е само во парите. За отворање нов рудник во просек се потребни 17 години, а дополнителни пречки се намалувањето на квалитетот на рудните наоѓалишта и недоволните вложувања во истражување. Тоа значи дека инвестициите што ќе се одобрат денес можеби нема да дадат резултати уште многу години.
На ризикот предупредува и Меѓународната агенција за енергија (IEA). Во извештајот за критичните минерали за 2026 година, агенцијата проценува дека понудата од постојните и најавените рударски проекти би можела да биде околу 25 проценти под потребите за примарен бакар во 2035 година.
Дополнителна неизвесност создава и глобалната трговска политика. Според одредени медиуму, заканите со американски царини довеле до натрупување залихи од околу 1,6 милиони тони бакар во САД. Додека металот се складира во американските магацини, на други пазари се создава притисок врз достапноста и цените.
Потенцијалниот недостиг би можел да го поскапи производството на електрични автомобили, трансформатори, кабли и електроенергетска инфраструктура. Рециклирањето и замената со други материјали можат да помогнат, но не и целосно да ја отстранат потребата од ново производство.
Така, светот се соочува со необичен предизвик: технологиите што треба да ја направат економијата поефикасна и помалку зависна од фосилни горива можат да бидат забавени поради недостиг од еден од најстарите индустриски метали.
Иднината можеби ќе биде дигитална и електрична, но за нејзината изградба светот прво ќе мора да обезбеди доволно бакар.
Аналитика








