ПОВЕЌЕ

    Супериорноста на необанките наспрема традиционалните банки

    Време зa читање: 4 минути

    Појавата на необанките во последната деценија е овозможена со технолошките иновации и развојот на финтек индустријата. Овој нов вид на банкарски модел драстично се разликува од моделите според кои што функционираат традиционалните банки. Начинот на понуда на финансиски производи и услуги кај моделот на необанки е во целост спротивен од начинот на функционирање на традиционалните банки. Додека банките се потпираат на високо развиена мрежа на експозитури за понуда на своите производи, необанките ги нудат своите производи само онлајн.

    Оваа драстична разлика во начинот на функционирање на традиционалните и модерните банкарски модели го наметнува прашањето дали необанките се супериорни во однос на традиционалните банки. Одговорот на ваквото прашање не е едноставен, меѓутоа ја наметнува потребата да се разгледаат аспектите каде што необанките имаат одредени предности во однос на постоечките банкарски модели.

    Една од најочигледните преднoсти е значително пониското ниво на трошоци кај необанките како резултат на тоа што овој модел нема разгранета мрежа на експозитури. Па така, моделот на необанки овозможува елиминирање на високите оперативни трошоци кои доаѓаат од потребата за развивање и одржување на мрежата на експозитури и филијали (високи трошоци за вработени, кирии, режиски трошоци, итн.).

    Од претходното произлегуваат неколку дополнителните предности во однос на провизиите и каматите кои што ги нудат или наплаќаат необанките. Поради значително пониските трошоци и употребата на најновата технологија небаонките имаат висок степен на ефикасност и се во состојба да наплаќаат провизии кои се значително пониски или пак во целост да тргнат некои провизии. Исто таа, пониските трошоци создаваат можност за плаќање на повисоки каматни стапки на своите штедачи и да дефинираат пониски активни камати.

    Исто така, употребата на иновативна технологија овозможува бројни предности за необанките споредено со традиционалните банки од аспект на управување со интерните процеси на финансиската институција. Необанките имаат можност да воспостават целосна контрола врз процесите како што се развој, продажба и одржување на финансиските производи кои се составен дел од вредносниот синџир.

    Друга предност на необанките која произлегува од употребата на иновативна технологија е способноста за лесно прилагодување на промените во опкружувањето и во индустријата. Ова би значело, дека необанките можат релативно брз да ги адаптираат своите производи и услуги во согласност со промените во однесувањето на клиентите, промените во законската регулатива, итн. Исто така, необанките mоже да понудат висок степен на персонализација во понудата на своите производи и услуги.

    За разлика од необанките, традиционалните банки имаат потешкотии во креирање на персонализирани производи и услуги поради неможоноста за лесно прилагодување на процесите и сложениот процес за носење на одлуки. За разлика од традиционалните банки моделот на необанки има едноставна организациска структура за донесување одлуки.

    И покрај тоа што сите видови на банки имаат на располагање огромни количини на податоци за своите клиенти и производи, традиционалните банки се уште не постигнуваат максимално продуктивното искористување на овие податоци. Од друга страна, необанките ја анализираат огромната количина на податоци преку употреба на различни алатки како и преку употреба на вештачка интелигенција. Анализирањето на податоците овозможува подобро да се разберат потребите и однесувањето на клиентите и да се креираат соодветни производи и услуги.

    Развојот на финансиската технологија дава можност новите модели на финансиски институции како што се необанките да креираат иновативни начини за оценка на кредитната способност на клиентите и нивното потенцијално однесување како кредитокорисници. Наместо застарените методи на оценување на клиентите кои се базираат на претходно дефинирани критериуми, необанките имаат можност да развијат методи кои собираат информации од различните социјални мрежи.

    Дали би ги користеле услугите на необанки доколку имате можност? Дали мислите дека традиционалните модели на функционирање на банките ќе исчезнат во иднина?

    Автор: Вон.Проф. д-р Зоран Темелков

    Повеќе текстови од авторот, [ тука ]

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично