ПОВЕЌЕ

    Струмичките активисти против рудникот Иловица демантираат дека државата го изгубила спорот за Казандол, „Ова е притисок пред избори“, тврдат тие

    Време зa читање: 6 минути

    Не е точно дека државата ќе плаќа милионска отштета за случајот Казандол на концесионерот Сардич, како што се тврди во платениот текст кој деновиве беше објавен во некои медиуми, велат од граѓанската иницијатива Спас за Струмичка Котлина, која се спротиставува на отворање на рудникот за бакар и злато Иловица Штука во струмичкиот крај. „Приказните за некакви досудени фантастични оштети за наводно доставена пресуда со милионски суми во случајот Казандол се НОТОРНА ЛАГА, намерно пласирана за плашење на политички раководства и замајување на народот“, стои во реакцијата.

    ПРИТИСОК ПРЕД ИЗБОРИ

    Имено, во текстот кој го објавија некои портали се вели дека „во јавноста циркулира информацијата дека Македонија изгубила уште еден арбитражен спор заради одлуката на Владата еднострано да го раскине Договорот за концесија за експлоатација на бакар во Казандол, валандовско“, без да бидат објавени детали за таквата пресуда или да биде цитиран изворот на таа информација. Во написот се вели дека отштетата ќе изнесувала околу половина милијарда евра, која од државниот буџет ќе треба да се префрлат на сметката на англиско-украинскиот конзорциум „Сардич МЦ“. „Според сознанијата кои надлежните сеуште избегнуваат да ги потврдат, пресудата од меѓународната арбитража во Вашингтон е во полза на концесионерот. Државата го загубила спорот, а домашните власти тактизираат со тајмингот на објава на правниот исход, се тврди во написот кој се појави во неколку портали, односно дека СДСМ и ДУИ наводно успеале да излобираат пресудата да биде објавена следната есен, а не сега, пред изборите кога во кампањата ќе загубеле политички поени.

    Случајот Казандол во моментов се наоѓа во тековна арбитража, а застапник на македонската држава е правната фирма White and Case, која им е добро позната на ДУИ по случајот со Македонски Телеком и судовите во Америка, велат од Здрава котлина. „Кој не верува нека оди на линкот во коментар за да се увери во разобличувањето на лажговци кои пласираат платени ПР текстови по портали за поддршка на Еуромакс Ресурси“, се вели натаму во реакцијата на граѓанската иницијатива Спас за Струмичка Котлина, која обединува повеќе здруженија во борбата против рудникот.

    Струмичките еко-активисти притоа го потсетија министерот Крешник Бектеши за скандалот со фалсификување на официјален записник од Државната техничка инспекција за Казандол контра записникот со фотографии од Државниот инспекторат за животна средина за што има многу сведоци. „Корупцијата во ДУИ нема граници“, додаваат тие.

    ЕУРОМАКС СЕ ЖАЛИ КАЈ АМБАСАДОРИТЕ

    Концесионерот на струмичкиот рудник Иловица Штука, канадската компанија „Еуромакс Ресоурцес“ деновиве упати писмо доамбасадорот на Канада, Џајлс Норман, евроамбасадорот Дејвид Гир, амбасадорката на САД, Анџела Агелер, холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп, британскиот амбасадор Метју Лосон, амбасадорот на Бугарија, Ангел Ангелов, како и швајцарската амбасадорка Вероник Хулман, како и до министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, во кое истакнуваат дека странските инвеститори не можат да имаат доверба во оваа влада, која, според нив ги игнорира пресудите на Управниот суд кои се во нивна полза, оневозможувајќи им на тој начин да го отворат рудникот и да започнат со негова експлоатација.

    Еуромакс Ресоурцес потсетува дека пресудата на Управниот суд од 2020 година во полза на Еуромакс, ја поништи негативната одлука која првично беше издадена од Министерството за економија („Резолуција за отфрлање“). „За жал, релевантните институции на државата ја игнорираа оваа одлука и покрај јасните инструкции од судот“, се додава во писмото.

    Второто обжалување на едностраното раскинување на концесијата Иловица 6 повторно завршува во корист на Еуромакс и практично се поништува едностраната одлука на Владата за раскинување на концесијата Иловица 6.Третиот управен судски случај (повторување на првиот случај), по дополнителни 3 години долг процес, повторно беше завршен со Пресудата во ноември 2023 година во корист на Еуромакс со која беше поништена „Одлука за одбивање на барањето за дозвола“, нагласуваат од компанијата. Според нив, Министерството за економија веќе признало дека нема правна причина за натамошно одложување за одобрување на барањето за спојување на концесиите и таква одлука Министерството предложило во Владата во јуни 2023 година, а спојувањето било одобрено во согласност со одредбите од Законот за минерални суровини.

    „Доколку пишуваат писма до странски амбасади добро е да кажат дека ситуацијата со рудникот Иловица-Штука е потенцијална закана за стабилноста од повеќе аспекти, но најмногу поради потенцијалите за уништување и масовен активен отпор на населението во заштита на животот и имотите од корумпираните политичко-економиски елити во Македонија, Бугарија и Албанија кои се спремни да преминат преку се за да лапнат пари. Секоја проба да го отворат рудникот ќе предизвика спирала на масовни тензии, протести и судари на локалното население со секој што ќе стапне на терен. Нема да дозволиме да се труеме заради профит на кој и да е“, стои во реакцијата на струмичките еко-активисти.

    „БАРАМЕ ПИСМЕНИ ГАРАНЦИИ ДЕКА ЌЕ НЕМА РУДНИК“

    Еуромакс забораваат да го наведат фактот што Управниот суд пресудил против нив во нивната тужба против одлуката за повлекување на решението за спојување на концесиите и пресудата ја доставил на 27ми март 2024 година. Па сега повторно е упатено на ново разгледување во Вишиот Управен суд, потсетуваат тие и додаваат дека концесионерот „заборавил“ да ги информира странските амбасади дека сите пресуди во нивна корист што ги добиле од Вишиот Управен суд се ПОСЛЕ купувањето на 25% од уделите на Еуромакс Ресурси од страна на фирмата на главниот финансиер на ДУИ од Тетово преку холандската НД Груп која е во сопственост на фамилијата Дестани од Тетово.
    Во пресрет на изборите кои се одржуваат за помалку од еден месец, граѓанската иницијатива Спас за Струмичка Котлина неодамна упати отворено писмо до политичките партии и учесници на претседателските и на парламентарните избори во кое бара конкретни писмени гаранции во програмата дека во првите три месеци од владеењето засекогаш ќе го затвори прашањето со рудникот на смртта и ќе почне процес со кој Струмичката котлина и Јужната долина (Југоистокот) ќе станат заштитени подрачја на кои ќе бидат забранети Г-1 загадувачи, во корист на стимулирање конкурентно македонско земјоделство, а истото го побараа и од секој претседателски кандидат, во рамките на ингеренциите, со акцент на еколошката безбедност на државата.
    „Сакаме да ги предупредиме политичките партии дека и по седум години борба против рудникот на смртта Иловица-Штука, сѐ уште немаме конечно решение. Сѐ уште постојат скриени игри и калкулации“, ги потсетија политичарите струмичките екологисти. „Граѓаните и на локални референдуми, и низ протести, и низ јавната сфера убедливо се изјаснија против рудниците на смртта. Медиумите низ годините исто така, освен неколку докажани платеници. Четирите локални самоуправи, без ниту еден глас за, натпартиски гласаа против рудник. Практично имаме национален консензус“, нагласија тие.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично