ПОВЕЌЕ

    Шпекулациите за помала побарувачка и поголема понуда ги намалија цените на нафтата

    Време зa читање: 2 минути

    Цените на нафтата паднаа на 81 долар на меѓународните пазари во понеделникот, поттикнати од шпекулациите дека Соединетите држави (САД) би можеле да го продаваат горивото од резервите и да ја зголемат понудата, додека побарувачката може да биде попречена од високите трошоци за енергија и Ковид-19.

    На лондонскиот пазар цената на барелот падна за 1,01 долар во однос на претходното затворање и изнесуваше 81,16 долари. Во Њујорк со барел се тргуваше за 96 центи пониска од цената од 79,83 американски долари, пренесува SEEbiz.

    Цените паднаа на почетокот на неделата, откако беше постигнат договор во саботата на климатскиот самит на Обединетите нации (ОН) за првпат да се идентификуваат фосилните горива како клучна причина за глобалното затоплување.

    Нафтените пазари беа под притисок од посилниот долар во последните недели и шпекулациите дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден би можела да продава нафта од стратешките резерви за да ги намали цените.

    „Можната продажба на нафта од стратешките резерви е важна причина за падот на цените“, рече главниот аналитичар на СЕБ Бјарне Шилдроп, нагласувајќи го растечкото ширење на „Ковид19“ и загриженоста за глобалната побарувачка поради карантинот и ограничувањата.

    Американските нафтени компании активираа повеќе бунари минатата недела, поттикнати од високите цени на нафтата , покажаа податоците од специјализираната фирма Бејкер Хјуз.

    Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) ја намали проценката за светската побарувачка на нафта во четвртиот квартал за 330.000 барели дневно во споредба со октомвриската прогноза, истакнувајќи дека високите цени на енергијата го попречуваат економското закрепнување од пандемиската криза.

    Европа повторно стана епицентар на пандемијата Ковид-19, па некои влади повторно почнаа да размислуваат за непопуларни строги ограничувања.

    Кина, од друга страна, се обидува да го потисне ширењето на видот делта на коронавирус.

    Руската „Роснефт“, втората по големина нафтена компанија во светот, по „Сауди Арамак“, во петокот предупреди на опасноста од „супер циклус“ на светските енергетски пазари, што би значело дека цените ќе се зголемат со текот на времето, бидејќи понудата заостанува зад побарувачката.

    Одделно, ОПЕК објави дека цената на барел референтна кошничка на нејзините членки во петокот изнесува 81,64 долари, што значи дека е пониска за 29 центи од претходниот ден.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично