Продажбата на недвижен имот му обезбеди солиден финансиски резултат на Скопски пазар во првото полугодие од годинава. На сметката останала чиста заработка за повеќе од 21 пат повисока во споредба со ланското шестмесечно остварување, а вкупните приходи се речиси удвоени. Сепак, акционерите нема да добиваат дивиденда во следните пет години. Добивката ќе се насочува кон инвестиции и сервисирање на кредитните задолжувања.
Од јануари до јуни во Скопски пазар се слеале околу 4 милиони евра. Приходите се за 81 насто повисоки на годишна основа. Главната причина за ваквиот раст, наведуваат од компанијата, е капиталната добивка стекната од продажбата на недвижен имот.
Нето-добивката достигнала 2,1 милион евра. Во оваа ставка е регистриран раст од дури 2.080 насто во однос на првото полугодие од 2025 година, кога биле заработени помалку од 100 илјади евра.
Поволно делувал и падот од 12 отсто забележан на расходната страна. Шестмесечните трошоци се во износ од 1,9 милиони евра. Притоа, финансиските расходи се пониски за 68 отсто.
Иако оперативното работење е успешно, компанијата евидентирала сеопфатна загуба од околу 2 милиони евра. Минусот не произлегол од основната дејност, туку од негативниот ефект при повторното мерење на објективната вредност на вложувањата во хартии од вредност, што влијаело врз резервите.
Во првата половина од годината инвестициите на Скопски пазар биле скромни 32 илјади евра, но компанијата најавува дека ќе продолжи со вложувања во недвижностите што ги издава под закуп, со цел да обезбеди повисоки приходи во иднина.
Во билансот на состојба најголеми промени има кај недвижностите. Скопски пазар продал дел од имотот за кој проценил дека нема потенцијал за повисоки приходи од закуп, а паралелно инвестирал во други објекти за да ја зголеми нивната комерцијална вредност.
Во меѓувреме, побарувањата од купувачите се намалени за 62 отсто, обврските кон добавувачите за 63 отсто, а кредитната задолженост е намалена за 10 отсто. Вкупните обврски на компанијата се пониски за 14 отсто во споредба со крајот на 2025 година.
Компанијата наведува дека главниот двигател на идниот раст ќе биде секторот за недвижности – преку издавање деловен простор, нови инвестиции и развој на нови извори на приходи. Според извештајот, оперативните приходи се реализирани на 96 отсто од планот, оперативните расходи биле 18 отсто пониски од планираното, а инвестициите се целосно реализирани.
Аналитика








