ПОВЕЌЕ

    Скопје главна дестинација за туристите во ноември

    Време зa читање: 2 минути

    Во претпоследниот месец од минатата година, Македонија угостила 66.668 туристи. Две третини од нив (68,2%) се странски – 45.494, а останатите 21.174 или 31,8 проценти се домашни гости. Најголемиот дел од нив го посетиле главниот град и прв избор за сместување им биле хотелите.

    Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека во текот на ноември биле евидентирани 137.548 ноќевања. Домашните туристи реализирале 51.615 (37,5%), а странците 85.933 ноќевања и во структурата учествуваат со 62,5 отсто.

    Од јануари па заклучно со ноември лани, а во однос на истиот период од 2022 година, статистиката забележала зголемување кај бројната состојба на туристите за 20,9 насто. Од вкупно 1.112.855 гости, домашни биле 413.036 и тука растот е за 0,3 насто. Кај странските гости има пораст од 37,6 проценти, или за 11 месеци во земјава дошле 699.819.

    Истовремено, ноќевањата се зголемени за 9,8 насто. Се работи за 3.024.099 ноќевања. Од домашните туристи се остварени 1.681.988, а од странците 1.342.111 ноќевања. Порастот е за 1,1, односно за 23 проценти.

    Речиси половина од туристите кои статистиката ги регистрирала во текот на ланскиот ноември, дошле и престојувале во Скопје – 30.715. Доминираат лицата дојдени од странство – 26.716, зад кои останале забележани 50.346 ноќевања. Домашни гости имало 3.999 со 6.607 ноќевања. А, пак, во единаесетиот месец во главниот град се забележани вкупно 56.953 ноќевања.

    Гости имало и во крајезерските места – 16.889, од кои домашни 7.981, а странски 8.908. Таму се направени 27.400 ноќевања (14.709 од домашни и 12.691 од странски туристи).

    Најчесто за сместување се користат хотелските услуги. Во ноември таму престојувале но 60.731 лице: 16.473 од земјава и 44.258 дојдени од странство. Билансот е 115.937 ноќевања, од домашни 33.011, а од странски гости 82.926.

    Иако во споредба со претходните месеци има намалување, сепак и во ноември најбројни се туристите од Турција – 13.162, кои во структурата партиципираат со 28,9 отсто. И кај ноќевањата, 19.492 на број, имаат најголем удел од 22,7 проценти. Наспроти тоа, најмалубројни меѓу странските гости се Белорусите. Во ноември дошле 11 и оствариле 22 ноќевања. Според статистиката, нивното учество во структурата и на туристи и на ноќевања е нула.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично