Разговаравме со ИМЕ; Швајцарската програма која нуди поддршка при сертификација за мали и средни претпријатија од трите сектори во кои работи – активен туризам, одржлив агробизнис и информациско комуникациски технологии.
Ова се реализира преку Програмата за плаќање по учинок (P4P), каде ИМЕ го ко-финансира процесот на сертификација, а компаниите кои сакаат да се сертифицираат треба да одберат консултанти и/или сертификациони тела со кои програмата има склучено соработка и кои се дел од КАТАЛОГОТ на ИМЕ. Да разгледаме како компаниите можат да ја зголемат продажбата. Но прво…
Што се тоа сертификати и зошто се битни?
Сертификатите се „пасош“ до нови клиенти и пазари и, според проценките на некои компании, во просек може да придонесат за 20% пораст во продажбата. Исто така, процесот на сертификација им помага на компаниите да планират како нивниот развој може да биде пооптимален.
Сепак, и покрај бројните очигледни придобивки, многу мали и средни компании во Северна Македонија често имаат потешкотии да стигнат до сертификат. Причината за ова може да е недостиг на финансии или недостиг на дефиниран екосистем во кој компаниите јасно ќе знаат кој и како ги поддржува од почеток до крај во процесот на сертификација.
Тристрана соработка кон заедничка цел
Една од ИТ компаниите кои пристапија на ИМЕ за да побараат поддршка при сертификација е Hoyo Tech, брзорастечка компанија што им помага на приватни или бизнис корисници да ги поврзат нивните објекти со сензори и останата технологија за размена на податоци. Поради природата на нивната работа што често е поврзана со (доверливи) податоци, важен предуслов е да имаат соодветни сертификати за информациска безбедност. За оваа можност која ја нуди ИМЕ, Hoyo Tech дознава преку МАСИТ, Стопанска комора за ИКТ индустријата, чија членка е и самата компанија.
„Веќе некое време работиме на швајцарскиот пазар, но сега започнуваме соработка со фирма од Холандија. Новиот клиент бара да го имаме ISO/IEC 27001 стандардот кој гарантира сигурност на информациите со кои работиме. Многу клиенти го бараат овој сертификат.” вели Дашмир Истрефи, ко-основач и сопственик на Hoyo Tech. “Го разгледавме онлајн каталогот на P4P консултанти и сертификациони тела со кои ИМЕ соработува и го најдовме соодветното тело преку кое одлучивме да се сертифицираме”, додава Дашмир.
Бидејќи процесот на добивање сертификат не е едноставен и брз, Hoyo Tech препознаваат дека им е потребна експертска помош да ги води низ овој процес. „Ние сме мала компанија и ако ова го планиравме и изведувавме сами, ќе ни требаше можеби и цела година да го завршиме,” додава Дашмир. Hoyo Tech, повторно со помош на онлајн каталогот на ИМЕ, го одбра ЕВРОСИМОСКИ Консалтинг да ги води до крајната фаза на процесот на сертификација.
EВРОСИМОСКИ Консалтинг нуди техничка поддршка на компании кои сакаат да имплементираат меѓународни ISO стандарди. Во случајот со Hoyo Tech, улогата на ЕВРОСИМОСКИ беше да се погрижи подготовката за сертификација да биде подобро организирана и процесот да оди што поглатко. Но, поради пандемијата со КОВИД-19, овој случај се разликуваше од претходните со тоа што сè мораше да се одвива онлајн.
„Ревизијата која со Hoyo Tech ја изведовме онлајн ни послужи да ги пилотираме нашите онлајн услуги, а успешната изведба нè охрабри да почнеме да ја нудиме услугата во ваква форма и на други клиенти преку нашите канцеларии во Скопје и Белград. По 14 години работа „лице в лице“ сега скоро целосно се префрливме на работа онлајн.” споделува директорот Михајло Симоски. Во меѓувреме, компанијата инвестира во опрема и софтверски платформи и започна да нуди повеќе услуги од нивното портфолио онлајн. Од тогаш уште два други клиенти, од Србија и Македонија, ги поминале подготовките за сертификација под онлајн водење, а моментално ја подготвуваат и првата онлајн физибилити студија за странски инвеститор заинтересиран за влез на македонски пазар.
Откако целата подготовка беше завршена, Hoyo Tech беа подготвени за финалниот чекор – официјалната сертификација, која беше спроведена од T-CERT SISTEM овластен локален претставник на едно од водечките сертификациони тела во светот – TÜV NORD CERT. Во споредба со истиот период лани, T-CERT бележат зголемен интерес од околу 30% кај ИКТ компании кои аплицираат за сертификати за квалитет. Ова довело и до сефкупен пораст на продажбата кај T-CERT SISTEM.
„Откако се вклучивме во P4P програмата на ИМЕ, бележиме зголемување во бројот на компании кои ни пристапуваат за да добијат „печат за квалитет”, споделува Зорица Смилевска од T-CERT SISTEM. „Ова е особено евидентно кај ИКТ секторот бидејќи за нив онлајн ревизијата се изведува без проблем.”
Придобивки за сертифицираните компании и градење на поширок бизнис екосистем
Со новиот сертификат, Hoyo Tech ги исполнува стандардите за информациска безбедност кои често ги бараат нивните постоечки и потенцијални клиенти од Швајцарија и Холандија, но добива и можност да се прошири и на други странски пазари.
Hoyo Tech станува и покомпетитивна компанија на домашниот пазар. Само по неколку месеци од добивање на сертификатот, тие успеаја да добијат тендер од ЈП Железници на Република Северна Македонија, каде сертификатот за информациска безбедност ISO/IEC 27001 беше еден од клучните предуслови за апликација. Hoyo Tech сега се одговорни за изработка на софтвер за информациски систем за менаџирање и известување на железничкиот возен ред. Со ова, во оваа мала ИКТ компанија се отвора можност за нови работни места, проширување на нивното портфолио и раст на компанијата.
Во поширока смисла, придонесувајќи за процесот на сертификација да биде подостапен и систематски поддржан за малите и средни компании, ИМЕ индиректно влијае на зголемување на побарувачката за сертификација од страна на компаниите, што пак, понатаму, го зголемува нивото на квалитет на услугите односно поддршката која овие компании ја добиваат од консултантите. Истовремено, има зголемено ниво на свесност за важноста од поседување на компаниски сертификати кај фирмите од ИКТ секторот, а сето ова води кон подобар и посеопфатен бизнис екосистем.