ПОВЕЌЕ

    Се намалува бројот на членови и на хонорарите во управните и надзорните одбори во јавните претпријатија​

    Време зa читање: 2 минути

    На денешната редовна седница на Владата на Република Македонија, е усвоен Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за јавни претпријатија предложен од заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресури, Љупчо Николовски и министерот за економија, Крешник Бектеши.

    – Со предложеното законско решение бројот на членови на управниот одбор се намалува на 7 членови во јавните претпријатија чиј основач е Владата на Република Македонија, градот Скопје и општините во кои живеат над 50.000 жители, како и на управните одбори на меѓуопштинско јавно претпријатие, а управниот одбор на јавно претпријатие основано од општина во која живеат до 50.000 жители се намалува на пет членови. Број на членови на надзорните одбори се намалува на 3 членови, соопштија денеска од Кабинетот на заменик – претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси.

    Со ова законско решение се уредуваат и општите и посебни услови кои треба да ги исполнуваат членовите, се регулира постапката за нивното пријавување и избор, а ќе се регулира и формата и содржината на јавниот повик, начинот на пријавување и селекција и постапката за избор.

    Надоместокот за членовите на управните одбори, се наведува во соопштението, нема да може да биде поголем од половина од просечната плата на вработените во одреденото јавно претпријатие, додека пак, надоместокот за членовите на надзорниот одбор нема да може да биде поголем од една третина од просечната плата на вработените во јавното претпријатие.

    Ова законско решение, се посочува во соопштението, е дел од Планот за борба против корупцијата и со него се надминуваат претходно детектираните слабости, се рационализира трошењето на државните средства и истовремено се исполнуваат препораките од извештаите на домашните и странските невладини организации со кои заеднички дејствуваме на полето на борба против корупцијата и владеењето на правото.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично