Европските метрополи се менуваат со брза трансформација на јавниот превоз. Додека во нашата земја односно во главниот град за јавен превоз се достапни само автобуси, но тоа не е случај со развиените европски метрополи, кои низ текот на годините реализирале огромни инвестиции со цел поголем избор на транспорт за своите граѓани. Урбаниот јавен превоз јасно се разликува меѓу државите во Европа. Јавниот превоз во јужноевропските и источноевропските урбани центри не е на завидно ниво, додека во северноевропските и западноевропските градови се позадоволни од јавниот превоз.
Извештајот на Европска комисија покажува дека седум од десет луѓе во Европа се задоволни од јавниот превоз во нивниот град, сепак постои голем јаз во нивоата на задоволство од јавниот превоз во европските градови.
Кога се споредуваат факторите како што се пристапноста, безбедноста, фреквенцијата и доверливоста, постои географски тренд во кој жителите на градовите од северна и западна Европа покажуваат поголемо задоволство од јавниот превоз, додека жителите на градовите од јужна и источна Европа покажуваат многу помало задоволство.
Жителите на Рим и Тирана, во проценти, се задоволни 29 отсто, додека пак жителите на Виена, се задоволни 91%.
Во Македонија, само 47 проценти од жителите се задоволни од јавниот градски превоз, понезадоволни од нас се во Тирана и Италија.
Разликата е уште поголема меѓу не-главните градови, со стапки кои варираат од 22 отсто во Палермо, Италија, до 95 отсто во Цирих, Швајцарија.
На пример, задоволството од јавниот превоз надмина 85 отсто во три нордиски престолнини – Хелсинки, Осло и Стокхолм – тесно следен од Копенхаген, со 81 отсто задоволство.
Главниот град на Исланд, Рејкјавик, е исклучок со пониска стапка на задоволство од 56 отсто во овој регион.
Повеќе од половина од жителите во шест главни градови биле незадоволни од услугите на јавниот превоз. Овие градови ги вклучуваат Рим, Тирана, Подгорица, Белград, Никозија и Скопје.
И покрај географскиот тренд, некои соседни земји покажуваат значителни контрасти. На пример, највисокото ниво на задоволство (Виена, 91 отсто) и најниското (Рим, 29 отсто) се забележани во главните градови на Австрија и Италија, соодветно.
Дали сте задоволни од обезбедувањето на јавен превоз во вашиот град? Неколку фактори може да влијаат на задоволството од јавниот превоз.
Според тоа, анкетата ги праша жителите за нивните перцепции за тоа дали се согласуваат или не се согласуваат дека јавниот превоз е достапен, безбеден, лесен за пристап, чест (доаѓа често) и сигурен (пристигнува според планираното).
Процентот на жители кои се согласија дека јавниот превоз е достапен во нивните градови значително се разликуваше меѓу главните градови, почнувајќи од 48 отсто во Рига до 93 отсто во Талин.
Стапките на перцепција за достапност беа релативно ниски во нордиските градови како Осло, Хелсинки и Стокхолм, и покрај тоа што овие главни градови имаат високо ниво на целокупно задоволство со јавниот превоз.
Резултатите не се засноваат на реалните споредби на билетите, туку ги рефлектираат перцепциите на жителите во нивните градови.
Перцепциите за достапност се разликуваат и меѓу првите пет европски економии, кои се движат од 62 отсто во Лондон до 81 отсто во Берлин. Скоро две третини од парижаните (66 проценти) сметаат дека јавниот превоз е достапен.
Европската комисија ја охрабрува промената на однесувањето во корист на активна мобилност, јавен превоз и други чисти, интелигентни транспортни решенија. Целта е јавниот транспорт да се направи поатрактивен и поефикасен во ЕУ.
Според Intelligenttransport, коалицијата од 43 европски транспортни организации, вклучително и Меѓународната асоцијација за јавен транспорт (UITP) бара зголемено финансирање од ЕУ за јавниот транспорт.