ПОВЕЌЕ

    „Реплек“ за 2024 година: Поголем раст и нов инвестициски циклус

    Време зa читање: 3 минути

    Акционерското друштво „Реплек“ и во текот на годинава продолжи со стратегијата на зајакнување на пазарните позиции, производното портфолио, како и со промоцијата на потенцијалите, а ефектите од сето тоа се успешните резултати. Позитивниот тренд на финансиските резултати, кои заклучно со септември донесоа 44 проценти раст на приходите од продажбата од фармација, продолжуваат до крајот на оваа година.

    За 2024 година од компанијата најавуваат нов инвестициски циклус, кој ќе придонесе кон зголемување на производствените капацитети и во таа насока на натамошно унапредување на пазарните позиции. Исто така, ќе продолжат и со вложувањето во кадровскиот потенцијал и поддршката на заедницата.

    „Се радуваме на успешно завршената година и со нова мотивација и свежина продолжуваме со засилено темпо во Новата година. Во 2023 година останаа многу од предизвиците поврзани со нестабилното опкружување, се појавија и нови, но и покрај тоа ‘Реплек’ успеа да расте и да ги унапредува своите позиции, како на странските така и на домашниот пазар. За ‘Реплек’ оваа година беше една од најуспешните. Вложениот труд и јасниот стратешки пат по кој тргнавме носи успеси за нашата компанија и јас верувам дека во Новата година со инвестиции и иновации ќе оствариме уште поголем раст“ – истакна Душан Пецовски, генерален директор на „Реплек“ АД.

    Извозната стратегија, позиционирањето на домашниот пазар, како и внатрешната реорганизација, кадровското освежување и имплементацијата на иновации во производствениот процес се клучните фактори за растот на компанијата. Како резултат од тоа, во првите девет месеци од годинва 52 отсто од растот на приходите е остварен во сегментот фармација на странски пазари, додека 21 процент раст на приходите е остварен на домашниот пазар.

    Реплек годинава доби и потврда за високиот квалитет на производите од Европската агенција за лекови (ЕМА), која по четврти пат и го додели сертификатот EUGMP (Good manufacturing practice). Сертификатот е потврда за добрата производствена пракса и претставува услов за влез на пазарот на ЕУ, но и за пласман на производите и на други пазари. Ова е и дополнителна можност за уште посилно зајакнување на извозот и освојувањето на нови пазари.

    Компанијата е присутна на пазарите во Европската унија, регионот Адриа, како и на пазарите во Централна и Југоисточна Азија, а дел од производите од фармацевтската програма на компанијата се едни од најпродаваните на одделни пазари, што е дополнителна потврда за квалитетот и високата конкурентност на глобално ниво.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично