ПОВЕЌЕ

    На кој начин се мери квалитетот на работење на компаниите?

    Време зa читање: 2 минути

    Резултатите од своето работење компаниите може да ги анализираат преку реализираните проекти и планови, преку остварените приходи од работењето, преку произведените добра и/или услуги и сл. Но, за да се добие претстава за тоа колку компанијата квалитетно работи, потребно е овие резултати да се споредат. Со други зборови кажано, важно е какви резултати остварува компанијата, но уште поважно е какви вложувања се направени за остварување на тие резултати.

    Така, квалитетот на работењето на компаниите може да се измери кога остварените резултати ќе се споредат со трошоците за остварување на резултатите. Бидејќи во практиката најчесто резултатите и трошоците се појавуваат во различен облик и се разликуваат според нивната економска содржина, се поставува прашањето дали сите видови резултати може да се споредат со сите видови трошоци за нивно реализирање на еден единствен начин.

    Дали компанијата квалитетно работи доколку со ниски трошоци го исполнува планот за производство, но истите тие производи не може да ги продаде или ги продава по многу ниска цена? Дали се смета за квалитетно работењето на компанијата која реализирала повисоки приходи, но заради зголемените трошоци остварува идентична добивка во споредба со претходната година?

    За да се следи квалитетот на работењето и за да може тој да се измери, во економијата постојат неколку принципи кои компаниите треба да ги почитуваат во своето работење. Тие принципи се: продуктивност, економичност и рентабилност.

    Продуктивноста подразбира настојување одреден производ или услуга да се реализира со минимална потрошувачка на работна сила, односно да се овозможи зголемување на продуктивноста на трудот.

    Економичноста означува создавање одредена вредност со минимално трошење на средства.

    Рентабилноста како принцип упатува на тоа дека се настојува со што помалку ангажирани средства да се оствари поголема добивка.

    На ваков начин, преку одделни принципи, може да се оцени колку квалитетно работи компанијата. Она што е особено значајно е дека овие принципи се меѓусебно поврзани и нивното движење е истонасочно, односно зголемената продуктивност придонесува за зголемена економичност и рентабилност. Знаејќи го ова, доколку некаде се јави отстапување може полесно да се утврди каде компанијата го намалува квалитетот на своето работење и да се преземат соодветни активности за надминување на таквата ситуација.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично