ПОВЕЌЕ

    Расправата за новото задолжување од 260 милиони евра продолжи без СДСМ

    Време зa читање: 3 минути

    Собраниската Комисија за финансирање и буџет ја продолжи расправата за владиниот предлог државата кај меѓународни банки да се задолжи за 260 милиони евра, без пратениците од СДСМ. Седницата ја закажа претседателот на Собранието, Африм Гаши, поради тоа што претседателката на Комисијата од редовите на СДСМ, Сања Лукаревска, не го стори тоа. Таа можност ја дава Деловникот, кој предвидува активностите за актите што се носат по скратена постапка да завршат во рок од два дена по почетокот. Од владејачкото мнозинство објаснуваат дека интервенцијата е направена за да се избегне застој.

    Со тоа, опозицијата остана надвор од комисиската расправа, откако СДСМ најави повлекување од процесот и можни правни чекори против спикерот Гаши. Од партијата тврдат дека се заобиколува претседателката на Комисијата и се нарушува собраниската процедура.

    Што се оденесува до предложеното задолжување, според заменик министерот за финансии, Николче Јанкуловски, избрана е најповолната и најевтина варијанта.

    Исто така и пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска, смета дека задолжувањето е и предвидено и транспарентно, при што ја обвини опозицијата затоа што се повлекла од дебатата за средства кои ќе бидат наменети за развојни цели.

    СДСМ не учествуваат во работата со образложение дека парите од задолжувањата се злоупотребуваат, а Владата на Христијан Мицкоски ја води државата кон должничко ропство. Предупредуваат на растечки јавен долг и сериозни ризици за идните генерации, како и тоа дека условите на новото задолжување не се поволни како што се претставуваат.

    Сличен став има и Левица, од каде што велат дека конечниот трошок на кредитот значително ја надминува главницата.

    „Граѓаните ќе вратат над 326 милиони евра за овој заем. Тоа значи над 66 милиони евра само за камати и провизии“, предупредија од партијата.

    Во основата на спорот е предлог-законот со кој државата треба да обезбеди заем од 260 милиони евра преку конзорциум од пет меѓународни финансиски институции – КфВ ИПЕКС-Банк, Банко Билбао Визкаја Аргентариа, Ерсте Груп Банк, АКА Аусфухкредит-Гезелшафт и Мерил Линч Интернешнл.

    Средствата се наменети за општи буџетски потреби, капитални расходи и рефинансирање на постојни обврски. Постапката започнала во февруари, кога Министерството за финансии побарало понуди од 14 банки, од кои осум доставиле понуди, по што е избрана најповолната понуда на Мерил Линч.

    Предвидено е заемот да се повлече во една транша, со рок на отплата од седум години и грејс-период од три години. Каматата е варијабилна – шестмесечен Еурибор плус 2,10 процентни поени. Предвидена е и еднократна провизија од 1,4 проценти, како и годишен трошок за агент од 12.500 евра.

     

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично