ПОВЕЌЕ

    Тинекс: Работиме, се развиваме и гледаме напред

    Време зa читање: 2 минути

    По информациите што деновиве се појавија во јавноста за финансиската состојба на Tinex, од компанијата излегоа со јавно соопштение во кое тврдат дека дел од објавите не ја прикажуваат целосната слика и уверуваат дека работата продолжува, додека менаџментот работи на стабилизација на состојбата.

    Од Тинекс признаваат дека компанијата се соочува со предизвици во ликвидноста, кои, како што наведуваат, се резултат на негативни финансиски резултати од претходниот период, пред сè поради комерцијална политика што не ги дала очекуваните резултати.

    Во соопштението посочуваат дека, и покрај овие предизвици, платите на вработените се исплатени и ги демантираат информациите дека има доцнење со исплатите.

    Од компанијата велат дека активно се работи на конкретни решенија за надминување на состојбата и нагласуваат дека најголемите банки и клучните добавувачи и понатаму стојат зад компанијата, што, според нив, е доказ за доверба во Тинекс и во неговиот потенцијал.

    Според менаџментот, во тек се преговори и се спроведува план за стабилизација на работењето, кој вклучува ревидирана комерцијална стратегија и оптимизација на трошоците.

    Во обраќањето до вработените, компанијата наведува дека нивните права ќе бидат заштитени и дека тие остануваат главен приоритет, додека до добавувачите и деловните партнери порачуваат дека активно работат на нормализирање на обврските и зачувување на соработката.

    Порака има и до потрошувачите, од Тинекс велат дека продавниците продолжуваат да работат и дека се преземаат активности тие целосно да бидат снабдени.

    Компанијата потсетува дека повеќе од три децении е присутна на македонскиот пазар и порачува дека има јасен план за надминување на предизвиците, со уверување дека од оваа состојба ќе излезе посилна.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично