ПОВЕЌЕ

    ПРОМЕНИ ВО „МАКЕДОНИЈАТУРИСТ“: Надзорниот одбор составен од кандидатите на „Промедика“ и „Чезакомерц“

    Време зa читање: 3 минути

    Горазд Поповски и Сашко Бошков, предложени од „Промедика“, заедно со Олга Павлова и Горан Марковски кои беа предлог на „Чезакомерц“, го сочинуваат новиот состав на Надзорниот одбор на „Македонијатурист“. Избрани се на вчера одржаното вонредно Собрание на акционерите. Со што е направен и првиот чекор кон реконструирање на управувачките тела, откако целосно се промени акционерската структура во хотелско-угостителската компанија, во која доминира „Скопски пазар“.

    Акционерите имаа избор од 13 кандидати. По четворица предложени од „Промедика“, „М.Г. Фешн“ и од „Чезакомерц“. Најголемиот акционер настапи со само еден кандидат, со опробаниот и во политичките и во бизнис водите, Марјан Ѓорчев.

    Новата постава има шестгодишен мандат. Именуваните, според биографиите што претходно им беа доставени на увид на акционерите, се професионално реализирани и успешни лица.

    Независниот член Горазд Поповски е дипломиран правник со положен правосуден испит. Директор е на Секторот за правни работи во Стопанска банка Скопје.

    Освен што е правник, адвокатот Сашо Бошков е и магистар по економски науки. Коосновач е и соопственик на адвокатско друштво од Штип.

    Олга Павлова, менаџерката за набавка во „Чеза комерц“, додипломските студии по Интернационална економија и менаџмент ги завршила во Италија. А, постдипломските по менаџмент во Швајцарија.

    Горан Марковски, исто така избран за независен член, е главен извршен директор на КБ Инвест. Магистер е по економски науки, а освен на Економскиот факултет при УКИМ, се образувал и на американскиот CFA Institute Charlottesville Virginia и е овластен финансиски аналитичар.

    Со одлука на акционерското Собрание, за ангажманот во Надзорниот одбор е определен месечен паушал: за претседателот во висина на две просечни месечни нето-плати, за членовите по една, а за независните членови 90 отсто од просечната месечна нето-плата исплатена во друштвото во последните три месеци.

    Инаку, пред да се одржи Собранието, на Македонска берза беа споделени информации, според кои, две компании од големите акционери со нови акции ги подобрија сопствените позиции. Во акционерската структура „Современ дом“ се помести од 5,01 на 5,09 проценти. А, „Чезакомерц“ остана на 6,37 проценти, но со зголемен број акции.

    „Известуваме дека акционерот Современ дом АД Прилеп купи дополнителни 341 акција и сега поседува 23.000 акции односно 5,09% од вкупниот број обични акции издадени од Македонијатурист АД“, пишува во информацијата споделена преку Македонска берза.

    Во втората објава на инвеститорската јавност и се соопштува дека „Друштвото за внатрешен и надворешен промет Чезакомерц Симеон Роберто и Виктор доо Скопје купи дополнителни 10 акции и сега поседува 28.820 акции односно 6,37%“.

    Што се однесува до другите, најголемиот акционер „Скопски пазар“ поседува 90 илјади акции, односно 19,9 проценти. „Промедика“ партиципира со 53.799 акции или со 11,9 проценти, а „М.Г. Фешн“ со 11,4 проценти обезбедени со 51.577 акции.

    Сето ова е резултат од повеќемесечните интензивни купопродажби на акции од „Македонијатурист“, со што заврши и повеќедецениската доминација на Доне Таневски и семејството. Кој како претседател на претходниот состав на Надзорниот одбор, беше разрешен на вонредното Собрание. Отповикани се и членот Владо Богдановски и независните членови Верица Хаџи Василева – Марковска и Ѓорѓи Јанчевски.

    Таневски го предводеше Надзорниот одбор од април 2023 година, откако претходно се повлече од претседателската позиција во Управниот одбори и водството и го препушти на својата ќерка Мирјана Таневска–Ефремова. Од најголем акционер Таневски се сведе на 3,81 отсто од акциите на „Македонијатурист“, за кои наплати над 20 милиони евра.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично