
Во текот на февруари Македонија ја посетиле 48.654 туристи, кои оствариле 94.652 ноќевања. И покрај тоа што на годишно ниво бројот на туристите е зголемен за 5,8 насто, кај ноќевањата има намалување од 0,3 отсто.
Промени во структурата на гостите – нема, односно преовладуваат странците со 67,4 насто, додека домашните учествуваат со 32,6 насто. Сличен е соодносот и кај ноќевањата: 61,9 насто се реализирани од странски, а 38,1 насто од домашни туристи.
Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека Турците повторно се најбројни туристи, во февруари се регистрирани 5.011. Зад нив се Грците – 3.523 и Србите – 3.278. Од Германија, во вториот месец од годинава дошле 2.181 турист.
Во првите два месеци, пак, туристичкиот сектор бележи умерен раст. Вкупниот број туристи достигнал 101.597, што е зголемување од 6 насто во споредба со истиот лански период. Притоа, бројот на домашни туристи е повисок за 5,1, а на странските за 6,5 насто.
Сепак, и покрај растот на посетите, ноќевањата се намалени за 1,6 отсто и изнесуваат 198.635. Кај домашните туристи падот е минимален (-0,2 %), додека кај странските е поизразен со 2,6 отсто.
Аналитика








