ПОВЕЌЕ

    ПО СИНОЌЕШНАТА ХАВАРИЈА, НАЈАВЕН РЕСТАРТ НА ЕДНИОТ БЛОК, критичарите скептични: „РЕК-от ионака произведува прескапа струја од грчкиот јаглен“

    Време зa читање: 4 минути
    Откако синоќа, како последица на хаварија предизвикана од пукната цевка, запреа со производство на струја сите три блока на РЕК Битола, ЕСМ најави дека попладнево се очекува да биде повторно пуштен во работа едниот од блоковите. „Согласно планот за производство се очекува до крајот на неделата да биде ставен на мрежа и вториот блок, додека на почеток на следната недела се очекува сите три блокови да бидат на мрежа“, известуваат од ЕСМ.

    Од јавното претпријатие, исто така, објавија дека електричната енергија била надоместена од сопствените производствени капацитети и не е направена никаква дополнителна набавка на хавариска струја и не е направен дебаланс на системот како што се шпекулира. Претходно опозициската ВМРО-ДПМНЕ упати критики за менаџирањето на најголемиот енергетски капацитет во земјата, тврдејќи дека во последните 20 дена имало повеќе од 5 вклучувања, дека едно вклучување е околу 500 000 евра и дека по најновата хаварија ќе мора да се изврши интервентен увоз на електрична енергија.

    „Во текот на изминатиот период, како резултат на направените анализи на пазарот на електрична енергија, направена беше набавка на струја, со поволни цени кои на АД ЕСМ му овозможуваат намалување на трошоците на работа“, објавија од ЕСМ.

    „Сите три блока од РЕК „Битола“ од сношти се исклучени и моментално функционираме благодарение на струјата од увоз“, напиша на својот Фејсбук-профил професор Дејан Трајковски од Техничкиот факултет во Битола. „Добрата вест е што барем следните 2-3 дена РЕК „Битола“ нема да произведува загуби за државниот буџет, бидејќи увозната електрична енергија, по цена од околу 72 евра/MWh е двојно поевтина од енергијата произведена во РЕК Битола со грчки јаглен (најмалку 142 евра/MWh). Ќе заштедат и девизи, бидејќи и за јагленот се трошат девизи и тоа повеќе отколку за увоз на струја“, напиша професорот Трајковски.

    Професорот, инаку еден од истакнатите критичари на енергетските политики на Владата, познат по своите анализи на случаите Чебрен и Митилинеос, тврди дека увозот на грчки јаглен за потребите на РЕК Битола е рамно на „финансиска катастрофа“, образложувајќи го тоа со пресметките кои ги има направено. Според Трајковски, просечната цена на набавениот јаглен изнесува 68,3 евра по тон, а конечната пресметка за минималната производствена цена на електричната енергија од грчкиот јаглен е дури 142,3 евра за мегават-час. „Ако споредиме со цените на берзата за електрична енергија, кадешто во последната недела од февруари просечната цена (базен товар) изнесувала 67,94 евра/MWh, односно 72 евра/MWh со вклучена 6% мрежарина, заклучуваме дека производствената цена на електричната енергија од РЕК Битола е двојно повисока од цената на увезената електрична енергија“, вели професорот Трајковски и додава: „ На секој произведен 1 MWh електрична енергија во просек сме правеле непотребна загуба од 142,3-72 = 70,3 евра/MWh“.

    Според анализата на професор Трајковски, оваа едногодишна произведена загуба изнесува точно 60% од цената за изградба на една нова гасна централа од 140 MW, од рангот на контроверзната централа на „Митилинеос“. “Ако не се произведува само 1,5 година со скапиот грчки јаглен, а во меѓувреме се увезува струја, од заштедените пари без Митилинеос би ја изградиле гасната централа и тоа без едно евро кредит! Наместо тоа, домашните предавници (во вистинска смисла на зборот!) нé предаваат во енергетско ропство – како со увозот на јаглен, така и со гасната централа на Митилинеос“, категоричен е Трајковски и заклучува дека „Преку РЕК Битола во државата се случува епски грабеж предизвикан од недомаќинско работење, што не се истражува од страна на ОЈО“ и дека решението не е да се затвори РЕК Битола туку дека треба да почне да се работи домаќински.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично