ПОВЕЌЕ

    По повикот од „Македонија2025“ – Уште два дена за номинирање истакнати личности од дијаспората

    Време зa читање: 2 минути

    Во петок на полноќ (15 март) истекува рокот одреден во повикот до дијаспората за номинирање истакнати припадници – потенцијални добитници на признание за придонеси, објавен од иницијативата „Македонија2025“, а во соработка со Кабинетот на претседателот на државата.

    Признанијата во форма на повелба и плакета се доделуваат за исклучителен придонес и постигнати резултати во доменот на општествениот, економскиот развој, образованието, научно-истражувачките работи, уметноста, како и за особени заслуги од областа на социјалната и хуманитарната помош, и за подобрување на определени состојби во родната земја.

    Оттаму повикот се однесува на поединци, припадници од дијаспората, како симболично признание за нивниот несебичен, континуиран ангажман и придонес. Без оглед кога и каде се родени, посочуваат од „Македонија2025“, тие се нераскинлив дел од националното ткиво на македонскиот народ.

    Изборот се врши согласно критериумите воспоставени од „Македонија2025“, односно според достигнувањата во рамките на: филантропија и социјално влијание; бизнис и претприемништво; академска и истражувачка извонредност; лидерство и застапување; уметност и култура; хуманитарна работа; иновации и технологија. Сепак, се укажува дека со ова критериумите не се исцрпени и може да се земат предвид дополнителни области доколку се застапени во пристигнатите номинации.

    Предлози можат да достават македонски и странски физички лица, организаторите, здруженија на граѓани, владини и невладини организации и асоцијации од земјава и странство. Исто така, и функционери кои раководат со државните органи, како и вработените во тие органи.

    Номинациите ги разгледува комисија за селекција на добитници на Признание за придонес на припадниците на дијаспората, сочинета од претседател и членови кои ги предлага и именува „Македонија2025 во координација со Кабинетот на претседателот на државата, кој и ги доделува признанијата. Конкретно, во комисијата постојано членство имаат по еден претставник на „Македонија2025“, на претседателскиот Кабинет и/или поранешен добитник на вакво признание. Тоа се истакнати поединци и претставници од државни органи и организации, здруженија на граѓани, научни, стручни и други институции од Македонија и од странство.

    Во текот на една година може да се доделат најмногу три признанија.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично