ПОВЕЌЕ

    Оштетените штедачи на Еуростандар банка: Уставните судии да одлучат без разлика на епилогот

    Време зa читање: 3 минути

    Уставниот суд е последната надеж за штедачите на Еуростандард банка кои тешко спечалените заштеди ги изгубија кога банката отиде во стечај. Денеска Уставниот суд повторно ќе се состане. Оштетените штедачи побараа без разлика на епилогот од одлуката уставните судии конечно да се произнесат за уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки. Член кој при обештетување дава предност на Фондот за осигурување на депозити пред останатите оштетени штедачи.

    Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка „Правда за штедачи”, очекува денеска Уставниот суд да ја одржи седницата на која точка на дневен ред е иницијативата за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки.

    -Денеска е денот кога очекуваме мериторна одлука на Уставниот суд по однос на ова прашање, истакнаа од Здружението на собир утрово пред Уставниот суд.

    Според нив нема сомнение дека оваа точка на дневен ред во изминатиов период доби огромен публицитет и интерес во јавноста и оти за нив тоа е разбирливо, бидејќи се работи за многу значајна законска одредба, која во суштина, може да предизвика реформа на законодавството во областа на банкарскиот систем.

    -Токму затоа, ние во Здружението сме свесни дека тоа е причината од каде произлегуваат многубројните опструкции и обиди ова прашање да се стави „под тепих” или да се затвори со негативна одлука. Тоа би значело дека застапниците на тезата за зачувување на состојбата каква што е денес, успеале да ја сочуваат привилегијата која одредени влијателни банкарско-финансиски и политички лоби групи ја имаат во рамките на банкарскиот систем, наведоа од Здружението.

    Сметаат дека нивното право зависи од Уставот, а не од персоналниот состав на судот и оти потребата од одлучување на ова прашање на денешната седница е поради фактот што доколку дојде до одлагање, имајќи ја во предвид состојбата со КОВИД-19 пандемијата, односот на силите во Собранието, претстојниот попис и локални избори, изборот на нови уставни судии може да потрае или да биде пролонгиран за временски неопределено долг период, што би значело дека постапката на неопределено време може да биде ставена „во мирување”. -Во таков случај, истакнуваат, доверителите, физички и правни лица на Еуростандард банка, можат да претрпат ненадоместлива штета.

    Сметаат дека токму поради реалната опасност од настанување на ненадоместливи штетни последици, неоправдано е понатамошно одлагање на оваа точка од дневниот ред.

    -Повторно ги охрабруваме сите уставни судии, без оглед на нивното мислење по однос на поднесената иницијатива, денес да заборават на било какви процедурални изговори, да навлезат во материјална расправа со аргументи во одбрана на своето мислење и да донесат мериторна одлука по иницијативата за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки. Во интерес на граѓаните, и врз основа на Уставот и законите. Секако, и во согласност со нивната заклетва како уставни судии, порачаа од Здружението.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично