ПОВЕЌЕ

    Оперативен лизинг за флотна набавка на возила

    Време зa читање: 5 минути

    Автор: Стручен соработник на Пари

    Лизингот како форма на финансирање е доста популарен во последно време и преку неговите разновидни модалитети, како и можноста за имплементација врз голем број на средства привлекува се поголемо внимание како од страна на компаниите, така и од страна на поединците. Со последната криза се повеќе до израз дојде потребата од флексибилно поседување на одредени средства, а лизингот како опција во целост може да одговори на новосоздадените услови. Во најтесна смисла лизингот може да се подели на 2 подгрупи: Финансиски лизинг и Оперативен лизинг. Иако најчеста варијанта на користење е финансискиот лизинг, кој до сега се користеше како некоја противтежа на класичното банкарско кредитирање, во последно време се повеќе добива на вредност оперативниот лизинг.

    Клучната разлика помеѓу овие 2 типа е следна: преку финансискиот лизинг станувате сопственик на средството што го купувате и преку исплата на учество и ануитети ја затворате вкупната финансиска конструкција и на крај средството е ваше. За разликата од финансискиот лизинг, кај оперативниот лизинг вие го откупувате правото на користење врз одредено средство за точно дефиниран период и за тоа плаќате “рента”. По завршување на перидот за лизинг го враќате средството назад и немате никаква сопственост.

    Тука ќе направиме една подетална анализа околу можностите за користење на оперативниот лизинг за флотна набавка на возила за компаниите и бенефитите кои може да произлезат од таквиот договор.

    1. Нема флуктуации во вредноста – Доколку се поседува одредено средство за истото треба да се прави годишна корекција на вредноста и истото може да предизвика одредени проблеми во билансот на состојба. Со оперативниот лизинг се избегнува проблемот на реевалуација на средствата.
    2. Не доаѓа до судир со капиталот на компанијата – Обично големите компании имаат широк опсег на инвеститори кои имаат вложено свои средства во компанијата. Преку користењето на оперативниот лизинг компанијата реално не книжи средства и долгорочни обврски во своите биланси и сликата за финансиската кондиција останува непроменета.
    3. Намалени административни трошоци – Голем број од договорите за лизинг вклучуваат и администрирање на флотата. Со тоа се намалува потребата од дополнително ангажирање на вработење за оваа намена.
    4. Даночни олеснувања – Во одредени земји при користење на оперативен лизинг не се плаќа данок, односно тој има повратен елемент.
    5. Обврските за плаќање се еднаш месечно – Преку користење на флотна набавка со оперативен лизинг, компаниите нема потреба да се грижат за поединечни плаќања за секое возило посебно. Лизинг договорот обврзува само на една месечна уплата. Со тоа трошокот се планира предвреме и станува редовна ставка во расходната страна.
    6. Нема големи финансиски одливи – Користењето на оперативен лизинг во најголем број на случаи бара минимално учество од 10 – 15%, а со тоа компаниите не мора да обезбедат значителни износи за да можат да користат голем број на возила од еднаш. Исто така, со завршување на периодот на користење, компанијата нема обврска за откупување на возилата, иако чести се случаите кога компаниите бараат во договорите за оперативен лизинг да биде вклучена и ковенанта за резидуална, или остаточна вредност на возилата. Таквата вредност би била купопродажна цена на возилата доколку компанијата се реши да ги откупи, после истекот на договор за оперативен лизинг.
    7. Ефективно и ефикасно менаџирање со флотата – Оперативниот лизинг нуди можност за целосна контрола на возилата преку адекватни системи за следење, како и навремено известување за пропусти и ограничувања.
    8. Флексибилност – Секоја компанија има различни потреби од возила и различно се користат. Со оперативниот лизинг можностите за персонализација на договор се огромни. Комапнијата може да склучи договор за користење на возило според нивните потреби во однос на: години на користење, начин на отплата, поминати километри, сервисирање и регистрација, каско осигурување и меѓународни документи за патување, персонализирани картички за гориво, 24 часовен помош на пат и сл.
    9. Подобрување на имиџот на компанијата – со обновување на договорите за лизинг компаниите секогас користат нови возила и со тоа придонесуваат за подобро претставување пред клиентите, а со тоа допринесуваат и за заштита на животната средина.

    Оперативниот лизинг ќе биде иднината во користењето на возилата, а оваа криза уште повеќе го акцентираше таквиот тренд. Сеуште важечките рестрикции за движење и водење на бизнис, се поголемата преориентираност кон работење од дома и користење на електронските уреди, менувањето на приоритетите на луѓето како и нарушениот систем на набавки, покажаа дека инвестициите во возен парк за компаниите може да имаат и негативен одраз врз работењето на компаниите. Тешко дека некој може да предвиди кога ќе се стабилизира целата ситуација со кризата и дали откако се ќе заврши повторно ќе се вратат работите како што беа. Во една таква ситуација, а кога станува збор за поседување на возен парк за компаниите, по се изгледа најдобра варијанта е користење на оперативен лизинг.

    Автор: Стручен соработник на Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично