ПОВЕЌЕ

    Охрид во фокусот на градежните инвеститори – со дозволите од ноември ќе се  изградат 140 станови

    Време зa читање: 3 минути

    Најголем е интересот за градење станови во Охрид, покажуваат последните статистички податоци од доменот на градежништвото, кои се однесуваат на издадените дозволи за градба во ноември минатата година. Интересно е што во текот на тој месец Југозападниот регон предничи по бројот на побараните и добиени одобренија за градба. За разлика од Скопскиот, кој меѓу осумте региони овојпат е на четвртото место.

    Сепак, и во ноември е забележано намалување на градежните апетити. Според податоците од Државниот завод за статистика издадени се 318 одобренија за градење. На годишно ниво тоа претставува пад од 10,2 отсто. Затоа, пак, за 31,2 насто е зголемена предвидената вредност на објектите, која е во износ од 11.726.317 илјади денари, односно близу 190,6 милиони евра.

    Повеќе од половината од вкупниот број издадени дозволи – 53,8 проценти или 171 се за високоградба. За нискоградба се 70 (22%), а 77 (24,2%) се доделени за објекти што ќе се реконструираат.

    Воедно, кај 182 објекти (57,2%) како инвеститори се јавуваат приватни лица, а кај 136 (42,8 %) се работи за фирми.

    Со добиените одобренија, на територијата на државата треба да се изградат 655 станови, со вкупна корисна површина од 55.047 квадратни метри. Распоредени се: во Вардарскиот регион 48 станови во вредност од 39 милиони евра, во Источниот 41 со – 7,1 милион евра, во Југозападниот 38 со 9,8 милиони евра, во Југоисточниот 39 со 96,5 милиони евра, во Пелагонискиот 18 со 13,9 милиони евра, во Полошкиот 60 со 7 милиони евра, во Североисточнио 10 со 821,2 илјади евра и во Скопскиот 64 станови со предвидена вредност од 16,1 милион евра.

    Најмногу (ќе) се гради во Југозападниот регион, 175 станови на површина од 12.843 квадрати. Од нив, најголемиот дел, или 140 се во Охрид. Опфаќаат површина од 8.500 квадратни метри. Ако се погледне актуелната понуда на станови во овој крајезерски град, цената на квадратот е изедначена со скопскиот. Распонот е од 1.200 до 2.000 евра.

    Со 147 станови и површина од 11.285 метри квадратни, следи Југоисточниот регион. Пикот е во Струмица  – 129 станови кои зафаќаат 9.142 квадрати.

    Во Пелагонискиот регион се 132 станови (8.236 квадрати). Сите, освен еден од 90 квадрати во Демир Хисар, се во Битола.

    Скопскиот заостанува зад овие региони. Со издадените одобренија главниот град ќе добие 110 нови станови со вкупна површина од 9.241 квадратен метар. Добар дел од нив се лоцирани во Центар – 83 (6.252 квадрати).

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично