ПОВЕЌЕ

    ОД СРЕДА ПОЕВТИНУВААТ 50 ПРОИЗВОДИ, ИСТЕКОТ НА РОКОТ – услов за акциска продажба

    Време зa читање: 3 минути

    Супермаркетите се согласиле – од среда за минимум десет проценти ќе паднат цените на педесеттина прехранбени производи. Листата ќе биде објавена идната недела. Ценовното намалување ќе се контролира од пазарните инспектори.

    Ова е епилогот од средбата што денес ја имаше министерот за економија Крешник Бектеши со претставниците на осумте најголеми синџири супермаркети во земјава, на која присуствуваше и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски.

    „Имавме многу конструктивна дебата и заеднички се согласивме дека има простор за намалување на цените. Владата ќе ја усвои одлуката на редовната седница во вторник. Од среда Државниот пазарен инспекторат со зголемен капацитет ќе биде на терен и очекуваме намалување од минимум десет отсто на одредени производи кои ќе ги објавиме во текот на наредната недела. Се зборува за над 50 основни прехранбени производи. Референтна цена ќе биде една од цените од претходните месеци“, информираше Бектеши.

    Освен ова, се работи и на други мерки, наменети за дистрибутерите и за производителите кои, како што рече министерот, најверојатно утре ќе бидат викнати на состанок во Министерството за економија.

    Според него, до крајот на следната недела ќе биде изготвено и новото законско решение за нефер трговски практики, со кое ќе се укинат над 20 проценти од одредени давачки, почнувајќи од производство па до малопродажбата.

    Што се однесува до акциската продажба, таа можност им се дозволува на маркетите, но само за производите кои се со рок што истекува.

    „Доколку стават ознака дека намалувањето на производот е заради тоа што му истекува рокот, за да знае потрошувачот дека не се работи за сеопфатна акција, тогаш ќе им биде дозволено акциски да ја намалат цената. Ако нема таква назнака ќе бидат казнети, а казната може да биде и со затворање на субјектот“, нагласи Бектеши.

    Исто така, кон сите овие новости најавени за идната недела, Бектеши наведе дека ќе има измени и дополнувања на Законот за државен пазарен инспекторат, со кои ќе се зголемат надежностите на ДПИ. При што, инспекторите ќе можат да постапуваат веднаш, дури и да го затворат објектот без да поминат одредени судски постапки.

    Ресорното Министерство ги следи движењата на цените и во другите сектори. Бектеши укажа дека намалувањето ќе се одвива етапно и во другите сектори, доколку има нарушување во делот на утврдување на цените. Прехранбената индустрија е во првата фаза затоа што е забележано нелогично зголемување на цените на прехранбените производи.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично