ПОВЕЌЕ

    ОД СКОПСКАТА НОВОГОДИШНА ПОНУДА: Денско испраќање на 2023 – 2024 се чека на „коњопој“

    Време зa читање: 6 минути

    Одбројувањето почна. Старата година во заминување и Новата во доаѓање, само што не се разминале проследени со весели испраќања и дочеци. Понудата е голема за скопјани и за оние кои можеби ќе дојдат во градот со кривата елка, тука да ги минат празниците. И, кои се подготвени да одвојат дел од личниот или семеен буџет за неколкучасовна веселба.

    И натаму се во тренд дневните забави, не само предновогодишните, туку оние на последниот ден од годината. Најголем дел од скопските кафетерии ја имаат токму таа понуда – денско испраќање на 2023. Велат, во изминатите неколку години тоа се покажало како добитна комбинација, а и вработените имаат право на неработна новогодишна ноќ.

    Цените се во зависност од тоа колку е некое кафуле in, од содржините застапени во понудата и од тоа дали има жива музика. Се движат од две па до 12 илјадарки, најчесто за висока маса, односно „коњопој“. Каде што за тие пари можат да застанат само четворица, но некаде допуштаат да се собере и поголемо друштво. Една од стратегиите за привлекување  на гостите беше пониската цена за резервации до 20 и 21 декември, поевтина за 300 до 500 денари од сега актуелните.

    Сепак, на кој било број од оставените за контакт да се јавите, слободни места има. Угостителите се надеваат дека до недела работите ќе се сменат, сметаат на нашата општа карактеристика – работата да се заврши во последниот момент. Меѓутоа, има и такви, чии врати се отворени, исто како и во нормалните денови, а велат, и цените ќе бидат исти.

    Во централното градско подрачје, во кафетерите и кафе-баровите денската прослава на последниот ден од декември чини од 3.500 до 6.900 денари за шише жесток пијалак во комбинација со енергетски и безалкохолни пијалаци, шишиња вода, апетисани… На пример, најевтината варијанта содржи џин „Гордонс“, „Синалко“ тоник од 1,5 литри и пет шишиња вода (0,5). Оваа и сличните комбинации (вотка „Финландиа“ или „Абсолут“, „Пелинковец“…) се за 3.500 денари. Тие што ќе се определат за најскапиот пакет ќе добијат „Чивас“ или „Џек Даниелс“, заедно со по пет енергетски пијалаци и пет шишиња вода.

    На територијта на Аеродром за дневната новогодишна забава треба да се платат од 4.000 до 5.000 илјади денари, зависно од изборот на жестокиот пијалак. Кој е по „Смирноф“ или „Шток“ ќе издвои четири илјадарки, а за парите плус ќе добие голема „Кока-кола“ или литар овошен сок, еден енергетски пијалак или две мали води, задолжително апетисани. Во сличен состав е и поскапата варијанта, само што следуваат двојно повеќе лешници, бадеми, индиски ореви… Во ове локали покрај „коњопојот“ можат да застанат три до шест лица.

    Денски ќе се слави и во Карпош. Влезот некаде е слободен, некаде симболични 400 денари. Тука е и една од поскапите забави во Скопје, и дневна и вечерна – со почетни цени од 12 и од 14 илјадарки за пакет од „коњопој“,  жесток пијалак со четири води и деликатесна даска. Понискиот износ е за мал, а повисоката за голем „коњопој“. Ексклузива се забавувачите. Ако ве интересира дали луѓе се јавуваат да резервираат  – одговорот е потврден.

    Но, има нешто поинтересно. Ова не е врвот во градската понуда. Има и поскапи „коњопои“, на кои ќе се служи суши – 24 илјадарки за шестмина. Содржината е 24 парчиња од јапонскиот специјалитет, ладна даска, шише жесток пијалак и шест води.

    А, кој сака, може и да седне. Во вип сепаре за шест лица. За 36 илјади денари. На менито е суши даска со 30 парчиња, ладна даска, шише виски, шише шампањско и шест води. Кандидати за ваков вид дочек – има.

    Всушност, цените се групни. Износите ќе бидат поделени меѓу лицата од славеничките друштва. Сепак, резервациите се само почетен влог. Кому му е грижа. Ќе се пие и јаде додека се може. Нова година е.

    Дел од локалите нема да работат за новогодишната ноќ. А, тие што организираат целовечерен дочек на Новата 2024, ветуваат досега невидена забава. Таму каде што музиката не е „жива“, цените се пониски. Како пример – и за 1.800 и за 2.199 денари по човек е предвидено: кој колку може да испие виски, коњак, вотка, џин, узо, шток, текила, вино, пиво; сувомесни, млечни производи и похованици; прскалки, жижици, конфети.

    Скопските ресторани одредиле цени од 2.299 до 2.999 денари, а некои продаваат и вип и ултра вип карти, што значи да се добие шише или две жесток пијалак. Ова се однесува за едно лице, а како што велат – за тие пари количините на пијачка и на храна се неограничени. За забавата се задолжени диџеи и домашни, но и бендови од соседството. Во поголемиот дел од понудата годините се испраќаат и дочекуваат на нога, крај „коњопои“, во сосема мал број се предвидени и маси за седење.

    Покрај неограниченото пиење, на менито има мешана свежа салата, топено сирење, пинџур, ладен ордевер, топло предјадење од похувани тиквички, зденки, кашкавал, сирење, крокети, главно јадење сочинето од мешана скара…

    Одделни ресторани посочуваат дека објектите ќе имаат целовечерно обезбедување, паркингот е бесплатен, обезбедено е професионално фотографирање, се организира лотарија со вредни награди…

    Исто така, кажуваат, се што како пијалак ќе се побара, а не е дел од новогодишното мени, се доплаќа – „Џони Вокер“ 3.499 денари, „Џек Даниелс“ 3.999, „Чивас“ 4.999, „Белуга“ 5.499 денари…

    За оние кои сепак ќе решат Новата година да ја дочекаат под отворено небо, на скопскиот воздух со или без маска, можност е плоштадот „Македонија“. Неизвесноста дали и што ќе се организира, ја прекина „Комора на музичка индустрија“, од каде што информираа дека во соработка со Град Скопје „подготвуваат поинакво празнично доживување за сите генерации“.

    Така, сега е извесно – на новогодишната забава на плоштадот ќе настапат Тин Камп, Лејдис Оркестра, Пауза за ракија, Тринити Стрингс, Слаткар, Дарио, Мерак Меана со Сузана Гавазова, Влатко Миладиновски, Стојне Николова, Блага Петреска и Душко Георгиевски.

    Музика и песна ќе има. Важни се доброто друштво и доброто расположение. Годината Нова, каде и да се чека, секако ќе дојде.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично