ПОВЕЌЕ

    Од први декември – 11 часа евтина струја во едно деноноќие

    Време зa читање: 3 минути

    Од првиот ден на декември стартува евтината дневна тарифа на струја, која ќе може да се користи од 13 до 15 часот. Со тоа, оваа погодност ќе биде застапена во вкупно 11 часа од едно деноноќие. На почетокот ова ќе важи за околу 170 илјади домаќинства кои имаат дигитални броила. Поголемиот дел – 600 илјади броила рачно ќе се сетираат од страна на екипите на ЕВН, па услугата за нив ќе се воведе нешто подоцна.

    Враќањето на двата часа евтина струја е утврдено со Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај, донесен од Регулаторната комисија за енергетика.

    „Со воведување на дневната евтина тарифа домаќинствата ќе имаат на располагање вкупно 11 часа евтина електрична енергија во текот на едно деноноќие од понеделник до сабота и 24 часа во ден недела. РКЕ по направените анализи оцени дека се создадени услови домаќинствата да користат дополнителни часови во кои надоместокот за потрошената електрична енергија ќе се пресметува по евтина тарифа. Податоците укажуваат дека инвестицискиот циклусот во обновливи извори на енергија го зголеми производството на електрична енергија, со што директно се влијаеше врз намалување на цената преку ден“, вели првиот регулатор Марко Бислимоски.

    Исто така, ново е и тоа што од идната година се поместува терминот за носење одлука за нова цена на струјата. Наместо во јуни, тоа ќе се прави до крајот на ноември. Притоа, барањата за корекција на цените компаниите ќе мора да ги достават до крајот на септември. Со досегашната практика, таа активност мораше да се изведе до крајот на мај.

    Инаку, за претстојната цена што ќе важи од јануари, дел од компаниите веќе доставиле пресметки до Регулаторната комисија. На кое ниво ќе биде, треба наскоро да се знае и да и се соопшти на јавноста. Во тој контекст е и промената за која веќе известија од РКЕ, дека ингеренциите за пресметка на цената преминуваат кај ЕВН Хоум, а Регулаторна освен контролна функција, ќе може да прави исправки.

    Сепак, петгодишниот договор на ЕВН Хоум како универзален снабдувач истекува во 2024. Наскоро ќе биде објавен нов повик, за кој веќе има повеќе заинтересирани компании. Тоа го потврди неодамна министерот за економија, Крешник Бектеши, кој го изнесе сопственото уверување дека маржата ќе биде помала од сегашната – над 11 проценти.

    Заинтересираните ќе мора да одговорат, односно да исполнат голем број критериуми што ги определува РКЕ. Но, клучна ќе биде висината на понудената маржа.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично