Кој научник во Македонија истражува вештачка интелигенција, кој работи на медицина, а кој на нови технологии? Досега до вакви информации не се доаѓаше секогаш лесно, особено кога станува збор за поврзување на науката со компаниите. Сега Министерството за образование и наука се обидува да го олесни тој пат преку е-наука, националниот портал што ги собира на едно место истражувачите и нивните научни резултати.
Порталот e-nauka.mon.gov.mk е единствена национална електронска база на податоци за истражувачите во земјава, а според министерката за образование и наука Весна Јаневска, треба да стане точка на поврзување меѓу истражувачите, бизнисот и меѓународните научни мрежи.
На порталот досега се регистрирале 229 истражувачи. За секој од нив се достапни податоци за образованието, работното место, научното звање, институцијата во која работи и научното поле во кое истражува.
Дополнително, порталот е поврзан со глобалните научни бази Scopus, Web of Science и Google Scholar, па можат да се видат и податоци за научните резултати, цитираноста и h-индексот на истражувачите.
Јаневска ги повика истражувачите од државните и приватните универзитети, научните институти, МАНУ, но и самостојните истражувачи во земјава и македонските истражувачи кои работат во странство да се регистрираат.
„Ги охрабрувам сите истражувачи од државните и приватните универзитети и високообразовни установи, од јавните и од приватните научни установи, научни институти и од МАНУ, како и самостојните истражувачи што работат во Македонија, но и истражувачите со македонско потекло кои работат на странски универзитети, да пополнат апликација и да влезат во електронскиот регистар е-наука. Тој е транспарентна и сеопфатна алатка за откривање на нивната работа на домашна и меѓународна научна сцена“, посочи министерката.
Една од главните цели е науката полесно да стигне до компаниите. Бизнисите преку пребарување ќе можат да најдат истражувач кој работи токму во областа што им е потребна, што, според Јаневска, може да отвори простор за нови партнерства и иновации.
„Преку напредни пребарувања, бизнисите сега можат да идентификуваат кој научник или истражувач се занимава со областа што им е од интерес, а тоа поттикнува нови партнерства, го претвора знаењето во економска вредност и ги забрзува иновациите“, истакна Јаневска.
Порталот е отворен и за меѓународната научна заедница. Целта е македонските истражувачи полесно да доаѓаат до заеднички апликации за грантови, меѓународни проекти и коавторства, како и да бидат повидливи во глобалните истражувачки мрежи.
Паралелно со дигиталното поврзување на научниците, од Министерството велат дека расте и државното финансирање на науката. Според Јаневска, во 2024 година биле издвоени 380 милиони денари, во 2025 година 680 милиони, додека годинешниот буџет достигнува рекордни 773 милиони денари.
Во тек е и реализација на научно-истражувачки проекти од национален интерес вредни над 370 милиони денари, а на кадарот на факултетите и научните установи му е обезбеден бесплатен пристап до базите Web of Science и Scopus.
Со е-наука, идејата е научниот потенцијал на земјава повеќе да не останува скриен во факултети, институти и лаборатории, туку да стане полесно достапен и за компаниите, институциите и истражувачите од странство.
Аналитика








