ПОВЕЌЕ

    Од јунскиот извештај на КХВ: На Берзата котираат 93 друштва, СЕИ-НЕТ со 103 објави

    Време зa читање: 5 минути

    На официјалниот пазар на Македонска берза во јуни котираа акциите издадени од 93 друштва. Од нив, три се долгорочно суспендирани од котација поради континуирано неисполнување на обврските согласно правилата, па Берзата ја изрекла оваа мерка на „АрцелорМиттал“ Скопје (ХРМ) АД Скопје, „Благој Туфанов“ АД Радовиш и „Трудбеник“ АД Охрид за период од најмалку 30 дена и истите траат сè до отстранување на причините поради кои се изречени. Со акциите на тие друштва ќе се тргува на подсегментот слободен пазар и за нив важат законските обврски за известување за тој пазарен сегмент, наведено е во јунскиот извештај на Комисијата за хартии од вредност.

    Во текот на минатиот месец на официјалниот пазар котираа и корпоративни обврзници од издавач чии акции не котираат на Берзата. Се работи за обврзници издадени од Осигурителното брокерско друштво СН Осигурителен брокер АД Битола, за кои Одборот на директори на Македонска берза АД Скопје во мај лани одлучи да ги прими на котација. „Оттука, обврските за известување согласно Правилата за котација ги исполнуваат 91 друштво чии хартии од вредност се котирани на официјалниот пазар на Берзата“, се вели во извештајот.

    Притоа, вредноста на МБИ 10 на крајот од јуни изнесуваше 5.713,34 индексни поени и тука се бележи намалување за 2,20 отсто во споредба со мајскиот – 5.842,14 индексни поени. Јунскиот реализиран промет на домашен пазар е 384 милиони денари, што претставува 55,73 проценти од вкупниот реализиран промет на домашен и на странски пазари. А, пак, промет од 4,96 милиони евра е остварен на странски пазари. Тоа значи зголемување од 27,03 насто во однос на реализираниот промет на странски пазари во мај, посочено е во извештајот. Месечниот промет реализиран на Македонска берза во јуни бележи раст од 1,46 проценти во однос на прометот во мај. Во текот на месецот на домашниот пазар имало 1.156 трансакции, или за 2,76 насто повеќе од мај.

    Вкупниот прилив на средства во отворените инвестициски фондови изнесува 18,6 милиони евра, што споредбено со мај е намалување за 3,98 отсто на месечна основа. Кај одливите има намалување за 24,18 отсто во однос на мај. Во јуни изнесувале 16,1 милион евра. Во тие рамки, се забележува позитивна нето разлика на приливите и одливите во отворените инвестициски фондови од 2,4 милиони евра.

    Друштвата чии хартии од вредност котираа на Берза, во текот на јуни извршиле 103 објави на електронскиот систем за известувања СЕИ-НЕТ. И тоа, 23 се други ценовно чувствителни информации, 13 се јавен повик за собрание на акционери, 13 се предлог одлуки за собрание на акционери, 17 се други одлуки од собрание на акционери, 11 објави се за ревидирани финансиски извештаи, а 12 се однесуваат на измени во органи на управување, 3 за распределба на добивка, 3 се дивидендни календари, 5 објави се однесуваат на откуп односно продажба на сопствени акции, а 3 се во врска со голема зделка.

    Инаку, во однос на мај, бројот на објавите е понизок за 76,10 проценти, што се должи на намалениот обем на објави поврзани со собранија на акционери. За споредба, во мај имало 431 објава на СЕИ-НЕТ, од кои 80 се други ценовно чувствителни информации, 50 се тримесечни биланси на успех за првиот годинешен квартал, 1 за неревидирани финансиски извештаи за 2022, 22 за јавен повик за собрание на акционери, 50 се предлог одлуки за собрание на акционери, 71 се други одлуки од собрание на акционери, 65 се за ревидирани финансиски извештаи, 15 се однесуваат на измени во органи на управување, 14 се пополнети прашалници за корпоративно управување, 26 се за распределба на добивка, 18 се дивидендни календари, 11 се за откуп односно продажба на сопствени акции, 4 се во врска со зделка со заинтересирана страна, 3 за голема зделка, а 1 се однесува на нова емисија на акции. Според извештајот на КХВ, и во споредба со ланскиот јуни бројот на објавите е намален – за 16,94 отсто. Или, тогаш биле евидентирани 124 објави на електронскиот систем за известувања СЕИ-НЕТ.

    Во јунските активности на КХВ е и донесеното решение со кое се утврди како успешна понудата од Долит Инвестментс АД, основано од едно лице во Атика, Грција, за преземање на акциите од Мермерен Комбинат АД Прилеп.

    Исто така, Комисијата вршела секојдневен проактивен надзор врз пазарот на капитал во реално време преку онлајн контрола на БЕСТ системот, како и преку контрола на процесот на утврдување и порамнување на склучените трансакции, со што обезбеди континуитет во работењето на сите учесници на пазарот на капитал. Секторот за супервизија на пазарот на капитал, пак, спровела една контрола над овластен учесник.

    Комисијата за хартии од вредност донела и две решенија за давање дозволи за инвестиционо советување и издала четири дозволи за работење на инвестициски агенти на лица кои имаат склучено договор за продажба на удели со друштва за управување со инвестициски фондови.

    Инаку, КХВ во јуни одржала две седници – конститутивна и редовна.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично