ПОВЕЌЕ

    Од денес Пејпал во земјава!

    Време зa читање: 2 минути

    Народната банка на денешната седница на Совет ја донесе измената на Одлуката за начинот и условите под кои резидентите коишто не се овластени банки, можат да отвораат и да имаат сметки во странство. 

    Измената се однесува на пропишувањето на условите за отворање сметки кај странски електронски сервиси за платежни трансакции.

    Во соопштението на Народната банка стои дека со измените се овозможува граѓаните и компаниите да отвораат и да имаат сметки кај сите странски електронски сервиси за платежни трансакции што ќе ги овозможат своите услуги за резидентите од нашата земја. Тие ќе можат овие сметки да ги користат исклучиво за комерцијални цели, односно за купување и/или за продавање стоки и услуги по електронски пат.

    Дали и кога граѓаните и компаниите ќе можат да отворат сметка кај одреден електронски сервис и какви услуги ќе можат да користат (дали само за плаќање или и за наплата), одлучува секој од сервисите, при што деловната одлука ја носи врз основа на сопствени анализи и оцени.

    При разгледувањето на одлуката, на седницата, меѓу другото било забележано дека либерализацијата во однос на отворањето и поседувањето кориснички сметки кај електронските сервиси за платежни трансакции во натамошниот период може да донесе повеќе придобивки за нашата економија.

    Во соопштението, исто така, се вели дека донесената одлука е еден од чекорите на Народната банка за поголема промоција и поддршка на електронската трговија и залагање за користење на предностите од финансиските технологии, односно се создаваат услови стоките и услугите коишто ги нудат нашите резиденти, преку електронската трговија да бидат подостапни на меѓународниот пазар.

    Во дискусијата на седницата биле истакнати и можните ризици за резидентите коишто ќе ги користат овие сервиси, пред сé во поглед на квалитетот и сигурноста на услугите.

    Оваа одлука стапува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

    Повеќе за Пејпал и што значи влегувањето на Пејпал во земјава на овој линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично