ПОВЕЌЕ

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ИНТЕНЗИВНО ГО ИСТРАЖУВА СЛУЧАЈОТ „ФОКУСНЕТ“ тежок четири милиони евра

    Време зa читање: 3 минути

    Јавното обвинителство интензивно презема дејствија во предистражната постапка за случајот „Фокуснет против Македонски Телеком“, каде што се инволвирани тројца апелациони судии. Кривична пријава е поднесена од министерот за транспорт и врски и вицепремиер Александар Николовски, за да се утврди како е преиначена одлуката на Основниот суд од страна на Апелација. Граѓанскиот суд донесена одлука во корист на Телеком со што оваа компанија не треба да плати четири милиони евра на „Фокуснет“, по што повисокиот суд донесе друга одука.

    Од Обвинителството велат дека се веќе испитани повеќе лица, целокупната документација од граѓанската постапка е прибавена, а дополнително е обезбедена и одлуката на Судскиот совет, со која беа утврдени сериозни прекршувања при постапувањето на судиите од Апелациониот суд Скопје.

    „Се преземаат и други дејствија во предистражна постапка, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука. Во меѓувреме, по предлог на јавниот обвинител, Судот определи мерки за привремено запирање на извршување определни финансиски трансакции. Јавното обвинителство постапува со приоритет во сите предмети во кои се утврдени сомненија за кривични дела, независно од својството на потенцијалните осомничени лица“, велат од Основното јавно обвинителство за www.pari.com.mk .

    СОВЕТОТ ЗА ЖАЛБИ ПРИ ВРХОВЕН ЌЕ ГО РАЗГЛЕДУВА СЛУЧАЈОТ

    Осомничените судии се предложени за разрешување од страна Судскиот совет, бидејќи ова тело утврдило дека пресудата од Апелација била донесена незаконски, без одржување јавна расправа, со фалсификувани записници и со документи кои не биле приложени во првостепената постапка. Ова отворило сериозни сомнежи за интегритетот и законитоста на постапувањето на судиите.

    Апелационите судии се жалеа до Врховниот суд. Жалбата ќе ја разгледува Советот за одлучување по жалби при Врховниот суд.

    СПОРНА ПРЕСУДА СО ГОЛЕМИ ПОСЛЕДИЦИ

    Овој случај се однесува на пресудата на Апелациониот суд со која Македонски Телеком беше задолжен да исплати отштета од четири милиони евра на штипската компанија „Фокуснет“. Пресудата од Апелација беше донесена спротивно на претходната одлука на Основниот граѓански суд во Скопје, кој претходно пресуди во корист на Телеком. Основниот суд констатирал дека „Фокуснет“ е фирма со долгогодишно блокирана сметка и без релевантни докази за нејзиното работење.

    БУЏЕТСКИ РИЗИЦИ И ДРЖАВЕН ИНТЕРЕС

    Имајќи предвид дека државата поседува 35% од акциите на Телеком, случајот има значајни финансиски импликации врз јавните средства. Затоа, Јавното обвинителство и Врховниот суд постапуваат со приоритет за да се спречат штети врз државните финансиски интереси.

    Истовремено, останува отворено прашањето за поврзаноста на одредени адвокати инволвирани во случајот, со друга институција, во случајов со Антикорупциската комисија и евентуален конфликт на интереси.

     

    НОВИНАР: ГОРАН ТЕМЕНУГОВ

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично