ПОВЕЌЕ

    Кој е кој во бизнисот со обезбедување имот и луѓе?

    Време зa читање: 6 минути

    Во дваесет агенции за обезбедување во земјава што имаат најголеми приходи, минатата година се свртела сума од 36,6 милиони евра, што е за 7 милиони евра повеќе од претходната година. Ова го покажува анализата на Таргет Груп за овој сектор. Истите дваесет агенции за обезбедување лани имале добивка во износ од 3,2 милиони евра, што во однос на претходната година е зголемена за повеќе од двојно, односно претходната година нивната добивка изнесувала 1,6 милиони евра.

    Освен приходите и добивките, растел и бројот на вработените.

    Во дваесетте агенции за обезбедување кои имаат најголем број вработени – минатата година работеле 4.545 луѓе, додека претходната во истите агенции имало 4.291 вработен.

    НИКОБ ИМА НАЈГОЛЕМИ ПРИХОДИ И ДОБИВКИ, НО И НАЈГОЛЕМ БРОЈ НА ВРАБОТЕНИ

    Според финансиските резултати од последните две години, агенцијата за обезбедување НИКОБ ги прави наголемите приходи и добивки, но истовремено компанијата е и најголем работодавач во овој бизнис.

    На нивната интернет страна е наведено дека оваа агенција е основана во 1995 година и воедно дека е првата компанија која е судски регистрирана во земјава.

    Минатата година во оваа компанија се свртеле 14,4 милиони евра, додека годината пред тоа приходите изнесувале 10,9 милиони евра.  Приходите што ги прави НИКОБ, се драстично поголеми од приходите на сите останати агенциии за обезбедување. Па така, само лани во оваа компанија се свртела сума колку што изнесуваат вкупните приходи на десетина други агенции за обезбедување со најголем обрт.

    Односно, приходите на НИКОБ се еднакви на приходите што заедно ги прават Перпетум Мобиле, Оса Бранко, СГС , МДН Обезбедување, Питон, Еуро Секјурити, Секјурити М.К Агенси.

    „Континуираниот раст на приходите се должи пред се на широкото портфолио на услуги, уникатноста на истите кои се дизајнирани согласно потребите на клиентите“, велат од НИКОБ и потенцираат дека по однос на квалитетот на услугите, примената на високите технологии, континуирани инвестиции, промовирање на новите безбедносни услуги и менаџерскиот тим се сериозна конкуренција дури и на реномирани компании во регионот и пошироко.

    Минатата година, НИКОБ ја има и најголемата добивка која изнесува два милиони евра, и истата е драстично зголемена во однос на претходната година, кога изнесувала 555.500 евра. Но, ланската добивка на Никоб е недостижна за другите агенции за обезбедување, со оглед дека останатите деветнаесет најголеми агенции за обезбедување заедно имаат добивка од 1,2 милиони евра.

    „Дејноста обезбедување има тенденција на постојан раст и зголемена побарувачка од користење на услугите за обезбедување“, велат од НИКОБ.

    На интернет страната на НИКОБ е наведено дека во 2010 година има промена во сопственичката структра, кога е направено преструктирање и ребрендирање. Во оваа компанија, што важи и за најголем работодавач во овој бизнис, минатата година работеле 1.839 луѓе. Нивниот број во однос на претходната година е зголемен за 336.

    При тоа, добивката по вработен во компанијата изнесува нешто повеќе од 1000 евра.

    ПЕРПЕТУМ МОБИЛЕ втор најголем приход, ОСА Бранко втора најголема добивка

    Агенцијата за обезбедување ПЕРПЕТУМ МОБИЛЕ минатата година има втор најголем приход во овој бизнис. Приходите на Перпетум мобиле изнесуваат 3,9 милиони евра, но сепак се далеку зад приходите на НИКОБ што лани стигнуваат до 14,4 милиони евра. Перпетум мобиле лани има раст на приходите за сума од околу 570 илјади евра.

    Сепак, иако оваа агенција за обезбедување има втор најголем приход во оваа дејност, по однос на добивката направена во текот на минатата година не е на оваа позиција. Односно, ако се рангира според направена добивка Перпетум мобиле се наоѓа на шесто место. Пред неа, со поголеми добивки покрај НИКОБ, се скопските ОСА Бранко, Уна, ПАТРОЛ-ЛТД и делчевската ПАТРИОТ –АЛДО.

    Добивката на Перпетум мобиле направена во текот на минатата година изнесува нешто помаку од  80 илјади евра.

    Но, Перпетум мобиле важи за втор најголем работодавач и во оваа компанија лани работеле 608 луѓе, исто колку и претходната година.

    Агенцијата за обезбедување ОСА Бранко го има третиот најголем приход и втората најголема добивка во овој бизнис, а воедно е и трета на листата на компании со најголем број вработени во оваа дејност.

    Минатата година, оваа агенција за обезбедување има приходи од 3,2 милиони евра, со што се наоѓа веднаш за приходот што го има остварено Перпетум мобиле. При тоа, оваа компанија има благо зголемување на приходите во однос на претходната година. Добивката кај ОСА Бранко минатата година изнесува 471.700 евра, и има мало зголемување во однос на претходната година. Ова е втора најголема остварена добивка во овој бизнис во текот на минатата година, иако е далеку зад двата милиони евра добивка што ги има Никоб.

    „Обезбедувањето е наша примарна дејност уште од 2000 година како прва лиценцирана агенција за обезбедување на лица и имот на територија на Република Македонија“, е наведено на нивната интернет страна.

    Во оваа компанија лани имало 421 вработен и нивниот број во однос на претходната година е намален за 17.

    Агенцијата „Секјурити груп сервисис“ минатата година има приходи од 3,1 милиони евра, и истите се намалени во однос на претходната година кога изнесувале 4,2 милиони евра. При тоа во оваа агенција лани имало 601 вработен и иако нивниот број во однос на претходната година е намален за 110 луѓе, сепак агецнијата и натаму е трет најголем работдавач во овој бизнис. Минатата година оваа агенција не прикажува добивка, за разлика од претходната година кога имала 33.100 евра.

    МДН Обезбедување, минатата година има приход од 1,5 милиони евра и добивка од 19.700 евра а во оваа агенција за обезбедување лани работеле 222 лица. Во охридската Питон, минатата година се свртела сума од 1,3 милиони евра и бележи зголемување на приходите во однос на претходната година, додека пак добивката во оваа компанија со 141 вработен изнесувала 50 илјади евра. Останатите агенции за обезбедување имаат приходи помали од 660 илјади евра.

    Во однос на добивката пак агенцијата за обезбедување УНА во текот на минатата година има трета најголема остварена добивка во оваа дејност, односно компанијата прави добивка во износ од 137.400 евра, додека приходите изнесуваат 608.700 евра. Во оваа агенција за ообезбедување лани работеле 67 луѓе. Со тоа добивката по вработен е нешто повеќе од две илјади евра.

    Сите останати агенции за обезбедување имаат добивки кои се помали од 100 илјади евра. Односно, Патрол ЛТД лани има добивка од 97.200 евра а приходи од 568.100 евра, додека Патриот Алдо од Делчево минатата година има добивка од 88.700 евра а приходи од 317.500 евра. 

    Анализа на податоци:  Таргет Груп

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично