ПОВЕЌЕ

    НОВИ СЛУЧАИ НА ТРУЕЊЕ СО СОКОВИ ВО ХРВАТСКА, властите не ја исклучуваат и можноста дека се работи за саботажа

    Време зa читање: 4 минути

    Од вкупно 16 земени примероци од безалкохолни пијалаци земени на испитување од страна на хрвaтскиот Завод за здравствена заштита, ниту еден не покажал присуство на недозволени или отровни материи, јавуваат хрватските медиуми во врска со повеќе случаи на труење што се појавија во повеќе хрватски градови последниве неколку дена. Во меѓувреме порасна и бројката на новопојавени случаи на труење со купени пијалаци, според најновите бројки вкупно 34, кои се распоредени на поголемиот дел од територијата на Хрватска.

    Министерот за здравство на Хрватска, Вили Берош во централниот Дневник на ХТВ вчера изјави дека сè уште не е позната причината за несаканите настани.

    Дека случајот е, во најмала рака чуден, потврди и самиот министер, кој коментираше за тоа колку се распространети овие потврдени случаи, регистрирани во Вараждин, Загреб, Риека, Сплит. „Она што е незгодно е што расте бројот на тие што поднесуваат поплаки. Досега прегледавме вкупно 14 пациенти во болниците низ Хрватска. Од нив, еден во КБЦ Риека, а тоа е единствениот и првиот пациент кој де факто има најтешки физички повреди. Потоа во КБЦ Загреб, седум од нив. Еден во Вараждин, два во Меркур. Еден пациент во Карловац и тројца пациенти во КБЦ Сплит. Од овие 14, четири имаат докажани лезии на дигестивната лигавица утврдени со методот на индиректоскопија. Значи, со гледање во самата слузница“, објасни министерот Берош.

    Тој додаде дека повеќето од останатите пациенти се пуштени на домашно лекување. Единственото добро во оваа ситуација е што клиничката слика на ваквото акутно оштетување на слузницата на дигестивниот тракт не е тешка. „Која е причината, сè уште не знаеме“, повтори Берош. „Сите институции работат и нивна задача е што поскоро да ја откријат причината“.

    Берош посочи дека доколку треба, ќе се вклучи и безбедносно-разузнавачката агенција на Хрватска, осврнувајќи се на пораките што се шират на социјалните мрежи за саботажа или можен тероризам, а кои според него биле лажни и имале намера да предизвикаат паника.

    Поради тоа што сите досега потврдени случаи се однесуваат на труење по конзумација на безалкохолни пијалаци произведени од Кока Кола Компани, производите на компанијата вчера беа повлечени од повеќето продавници и супермаркети. Освен што се огласи со соопштение во кое изрази загриженост и најави соработка со истражните органи, Coca-Cola Хрватска објави дека привремено повлекува одредени производи. Како што наведуваат, иако анализите не покажале неправилности во производството или во производите, тие се повлекуваат до завршување на официјалната истрага. Тие ги упатија граѓаните да не користат одредени производи. Станува збор за една серија на Кока-Кола Оригинален вкус и две ограничени серии на калинка од боровинки Römerquelle Emotion.

    На прашањето дали се работи за саботажа или за некаков индивидуален чин, министерот за здравство Берош вели дека не верува дека се работи за саботажа. „Со оглед на видот на штетата, ширењето и фактот дека се уште е истиот сопственик, можно е при чистењето да се појават некои недоволно дефинирани елементи кои потоа може да предизвикаат вакво нешто. Но, навистина не сакам да зборувам за тоа сега. На крајот, тоа не е ни мое како министер за здравство. Мојата работа е само да го подготвам здравствениот систем за она што е можно пред нас, но досега морам да кажам дека реагиравме навремено и добро“ заклучи тој.

    На прашањето дали е во прашање саботажа, познатиот хрватски криминолог Жељко Цвртило за Вечерњи ТВ изјави: „Кога ќе се открие каква е хемиската супстанца во пијалокот, тоа ќе биде водич за истражителите: ако се работи за хемикалија што не ја користи Кока Кола во своите капацитети, тогаш може да се посомнева за саботажа“.

    Цвртила, исто така, додаде: „Полицијата и хрватското јавно обвинителство ќе спроведат класична истрага и со секоја нова информација ќе отвораат нови прашања или ќе затвораат и исклучуваат некои. Преку системот на истрага и елиминација списокот на осомничени ќе се сведе на еден или двајца дистрибутери, една смена, едно лице…“.

    Тој се присети и на случај од Италија пред 20-ина години кога исто така имало труење на пијалок и било утврдено дека се работи за саботажа. Засега, како што вели, рано е да се каже што се случува во Хрватска, односно дали целта била Кока Кола или некој друг.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично