Нова дигитална платформа – плати за извршена услуга со време место со пари

Датум на објава: 19.05.2020

Здружението на граѓани „Младите можат“, преку креатонот на Фондот за иновација и технолошки развој, изработи нова дигитална платформа, која ќе им помогне на Македонците меѓусебно да ги споделуваат работите што уживаат да ги прават притоа користејќи го времето наместо пари како ресурс.

Концептот на дигиталната платформа, „Временска банка“, е многу едноставен: трошите еден час време за да му помогнете или да споделите знаење со некој друг преку вештините што вие ги поседувате, а за возврат заработувате кредит од еден час, кој оди во вашата временска банка. Сега вие можете да го потрошите заработениот кредит од еден час за услуга што вас ќе ви е потребна и можете да ја добиете од еден час од нечие време.

Секој час се цени исто, без оглед на извршената услуга. Секој вид услуга може да се разменува за друга. На овој начин можеш да ги запознаеш твоите соседи подобро, да им помогнеш на луѓе, без разлика на нивната возраст или економски статус.

Наместо да бидат пасивни приматели на тие услуги, корисниците може да стекнат нови вештини, да градат нови врски и да станат агенти на социјална промена во својата заедница.

Временските банки во денешни услови во значителен размер не би биле можни без дигитализација, поточно платформа што ги прибира сите информации за часовите што секој член на банката има потреба или може да ги обезбеди.

Токму затоа, „Младите можат“ ја лансира дигиталната платформа chaszachas.mk, која е бесплатна и достапна за сите и која ги следи часовите што членовите на банката ги заработуваат и трошат. Платформата, која беше пуштена во употреба минатата недела, веќе брои голем број активни членови и предизвикувачки услуги за своите корисници.


Тагови: дигитализација, Младите можат, платформа, социјални врски, услуги, Фондот за иновација и технолошки развој,

Facebook профил: pari.com.mk

Инстаграм профил: pari.com.mk

@pari.com.mk

© Преземањето авторски содржини е забрането со закон. Преземањето на текстови и изјави во авторска сопственост на порталот pari.com.mk е дозволено делумно, со задолжителен хиперлинк до содржината која се пренесува. Секое преземање фотографија означена со лого, без претходна согласност со pari.com.mk, е строго забрането.


Сподели: