ПОВЕЌЕ

    Нова авиолинија од Скопје: До Франкфурт за 2,5 часа со почетна цена на билет од 169 евра

    Време зa читање: 2 минути

    Франкфурт – Скопје е првата авиолинија што ја воспостави „Луфтханза“ со Македонија. На оваа релација летови има секој ден, односно десет неделно. Цените на повратните авиобилети почнуваат од 169 евра, а освен на веб-страницата lufthansa.com можат да се набават и во туристичките агенции.

    Аеродромот во Франкфурт е главното воздухопловно пристаниште за „Луфтханза“. Се рангира меѓу најважните аеродроми за трансфери во Европа, затоа што е поврзан со повеќе од 300 светски дестинации. Патувањето од Скопје до Франкфурт трае два и пол часа, а се лета со авиони од типот „Ербас А319“, „Ербас А320“ и „Ербас 320НЕО“. Овој германски град важи за глобален центар за бизнис, туризам и култура, каде што се одржуваат светски културни настани и саеми.

    Првиот авион од Франкфурт на скопскиот аеродром вчера беше пречекан од министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, германската амбасадорка Петра Дрекслер, генералниот директор на ТАВ Македонија Метин Батак и од регионалниот директор на групацијата „Луфтханза“ Петер Пулем.

    Воспоставувањето на оваа авиолинија е поддржано со субвенции од Владата – седум евра во денарска противвредност за секој патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром Скопје. Корисник на ваквата владина поддршка е и унгарскиот „Виз Ер“, за летовите што ќе се воведат од први ноември годинава и ќе го поврзат Скопје со Луксембург, Штутград, Салцубург и Љубљана.

    За субвенционираните летови во буџетот на Министерството за транспорт и врски се одвоени 1,1 милион евра за оваа година. Пет милиони евра, пак, се вкупно предвидени за тригодишниот период колку што ќе трае оваа мерка. По завршувањето, авиопревозниците имаат обврска да продолжат да оперираат на линиите и во наредните три години. Во спротивно, ќе мора да го вратат целиот износ што ги добиле како финансиска поддршка.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично