ПОВЕЌЕ

    НЛБ вторпат ја зголеми понудата за Адико банка – нуди 37 евра по акција

    Време зa читање: 3 минути

    На помалку од еден месец пред истекот на рокот – 22 јули, најголемата словенечка банка повторно ја зголеми цената во понудата за преземање на Адико банка. НЛБ сега на акционерите им нуди 37 евра за акција. Во меѓувреме, банката обезбеди одобренија од телата за заштита на конкуренцијата во Австрија, Македонија и Србија, објави See News.

    Во трката со Рајфајзен банка Интернешнл (RBI) за преземање на виенската Адико банка, НЛБ по вторпат ја подобрува својата понуда. Последнава е за 3,5 евра повисока од претходно објавената месецов, и за 8 евра над првичната од мај. Исто така, најновата понуда е и за 10,5 евра над конкурентската понуда на RBI.

    Со цената од 37 евра по акција, вкупната вредност на преземањето би достигнала околу 721,5 милиони евра, доколку сите акционери ја прифатат понудата, без да се пресметаат трансакциските и административните трошоци.

    Од НЛБ посочуваат дека акционерите на Адико банка, кои веќе ја прифатиле понудата на RBI, имаат право да ја повлечат својата согласност најдоцна четири работни дена пред истекот на определениот рок. За преземањето да се смета за успешно, услов е една од понудите да биде прифатена од најмалку 75 проценти од акционерите.

    Според НЛБ, како што пишува See News, трите веќе добиени регулаторни одобренија претставуваат „конкретен напредок во исполнувањето на условите за успешно завршување на трансакцијата“.

    До 31 мај 2027 година преземањето треба да добие одобренија од надлежните тела за заштита на конкуренцијата во Австрија, Словенија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово и Македонија, или да истечат роковите за нивна оценка без приговори.

    Воедно, потребно е да се обезбедат сите неопходни банкарски и финансиски регулаторни одобренија во Австрија, Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, без значајни дополнителни услови, или да истечат законските рокови по кои трансакцијата може да продолжи и без експлицитно одобрение.

    Управниот одбор на Адико банка минатиот месец им препорача на акционерите да ја прифатат понудата на RBI, додека за понудата на НЛБ не даде јасна препорака ниту за прифаќање ниту за одбивање.

    Долгорочниот план на НЛБ е, доколку преземањето биде успешно, да ги интегрира подружниците на Адико банка со сопствените операции на пет пазари каде што двете групации веќе се присутни. За подружниците на Адико надвор од Европската Унија ќе биде направена посебна анализа на трошоците и придобивките од евентуалната интеграција. Ова е втор обид на НЛБ да ја преземе Адико банка, по неуспешната понуда во 2024 година.

    Доколку RBI успее во преземањето, планира да ги продаде банките на Адико во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора на српската Алта група по цена што нема да биде пониска од нивната пазарна вредност, а ќе ги задржи банките во Хрватска и Словенија. Алта група поседува 9,63 проценти од акциите на Адико банка и веќе го пријавила својот удел во понудата на RBI.

    Најголем поединечен акционер во Адико банка е австриската компанија S-Quad Handels- und Beteiligungs со 9,99 проценти од акциите. Следуваат АИК Банка и словенечката Горењска банка, кои заедно поседуваат 9,69 проценти, Алта група со 9,63 проценти и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) со 8,40 проценти.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично