ПОВЕЌЕ

    НЕМА ВАКЦИНА, А СЕЗОНАТА ДОПРВА ПОЧНУВА: СЗО предупредува за вирусот Западен Нил

    Време зa читање: 2 минути

    Убодот што најчесто го доживуваме како летна непријатност во дел од Европа повторно станува здравствен ризик. Со почетокот на најактивниот период за комарците расте и бројот на заразени со вирусот Западен Нил, поради што Светската здравствена организација повикува на засилен надзор и поголема внимателност.

    Според последните податоци на Европскиот центар за превенција и контрола на болести, до 22 јули во шест европски земји се регистрирани 81 локално стекнат случај. Најмногу има Италија – 46, по што следуваат Грција со 21, Македонија и Романија со по пет, Шпанија со три и Франција со еден случај.

    СЗО нагласува дека за повеќето луѓе ризикот од тешка болест останува низок. Меѓу 70 и 80 проценти од заразените воопшто не развиваат симптоми, додека кај дел од пациентите може да се појават температура, главоболка, замор, болки во телото, мачнина, повраќање или осип.

    Приближно еден од 150 заразени може да развие тешка инфекција што го зафаќа централниот нервен систем, вклучително и енцефалитис или менингитис. Висока температура, вкочанет врат, дезориентација, тремор, грчеви или мускулна слабост се знаци поради кои треба веднаш да се побара лекарска помош.

    Вирусот се пренесува преку убод од заразен комарец. Комарците најчесто го добиваат преку заразени птици, а потоа го пренесуваат на луѓето и животните. Не е регистрирано пренесување од човек на човек преку вообичаен секојдневен контакт.

    За вирусот Западен Нил нема вакцина за луѓето, ниту специфичен антивирусен лек. Терапијата се сведува на ублажување на симптомите, а потешките случаи бараат болничко лекување.

    СЗО препорачува користење средства против комарци, носење облека што покрива поголем дел од телото и поставување мрежи на прозорците и вратите. Посебно внимание се препорачува во зори и самрак, кога комарците се најактивни. Важно е и редовно да се отстранува застоената вода од саксии, кофи, садови и други места околу домовите каде што тие можат да се размножуваат.

    Според СЗО, вирусот не е нова закана, но условите за негово ширење брзо се менуваат. Потоплите температури и подолгите лета им оставаат на комарците повеќе време и поголема територија за пренесување на инфекцијата.

    Пораката не е причина за паника, туку за претпазливост. Сезоната на најинтензивен пренос во Европа вообичаено трае од јули до септември, што значи дека нејзиниот најризичен дел допрва следува.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично