ПОВЕЌЕ

    КБ Публикум инвест: Индексите во Кина – нагоре, сите други – надолу

    Време зa читање: 5 минути

    Неделен преглед на пазарите на капитал

    • САД

    Индексите ја завршија неделата со намалување, втора недела по ред, главно под влијание на високите камати и објавите на кварталните резултати на компаниите. Во текот на неделата, приносот на 10-годишна државна обврзница во САД на кратко го помина прагот од 5%, за прв пат во последните 16 години. Третина од компаниите од индексот S&P500 ги објавија резултатите од работењето, а инвеститорите најмногу беа фокусирани кон резултатите на Amazon, Alphabet (Google), Meta (Facebook) и Microsoft. Иако повеќето од објавените резултати покажаа поголем раст од очекувањата, сепак пазарот негативно реагираше поради растечките трошоци на компаниите. Во четвртокот, по затворањето на пазарот, Amazon ги објави резултатите, а инвеститорите позитивно реагираа, при што акцијата утредента порасна за 6,83%. Покрај кварталните резултати, кои беа главно позитивни, над очекувањата и го надоместија негативното влијание врз пазарите предизвикано од геополитичките тензии, објавата за економскиот раст на САД беше уште едно позитивно изненадување за инвеститорите. Имено, податоците покажаа квартален раст на БДП од 4,9%, како резултат на зголемената потрошувачка. Во меѓувреме, индексот PCE, кој се однесува на трошоците за базична лична потрошувачка покажа раст од 0,3% на месечно ниво и 3,7% годишно.

    • Европа

    Во Европа берзанските индекси се намалија во текот на неделата. Индексот STOXX Europe 600 се намали за 0,96%, како резултат на загриженоста на инвеститорите за конфликтот на Блискиот Исток. Германскиот DAX се намали за 0,75%, францускиот CAC 40 се намали за 0,31%, а италијанскиот FTSE MIB ја заврши неделата за 0,25% пониско. Приносите на државните хартии од вредност се намалија откако Европската централна банка ги остави каматните стапки непроменети. Германската 10-годишна државна обврзница имаше принос од 2,8% кон крајот на неделата. Во еврозоната забрза намалувањето на активноста на бизнис секторот на почетокот на четвртиот квартал од годината. Индексот PMI се намали повеќе од очекуваното, од 47,2 на 46,5 во септември. Во Велика Британија невработеноста се зголеми на 4,2% во август 2023 година, наспроти       периодот од март до мај, кога се движела околу 4%.

    • Азија

    Индексите во Јапонија се намалија во текот на неделата. Индексот Nikkei 225 се намали за 0,86%, а индексот TOPIX немаше позначајни промени. Растечките приноси на државните обврзници и геополитичките тензии влијаеја врз целокупниот сентимент. Приносот на јапонската 10-годишна државна обврзница се зголеми на 0,87% и се приближи до 1%, што е горен лимит поставен од страна на централната банка на Јапонија. Централната банка на Јапонија исто така направи интервенција на пазарот со купување на долгорочни државни хартии од вредност.

    Индексите во Кина се зголемија како резултат на силните профити на индустрискиот сектор кои сигнализираат можно стабилизирање на кинеската економија. Индексот Shanghai Composite се зголеми за 1,16%, а индексот CSI 300 ја заврши неделата за 1,48% повисоко. Профитите на индустриските компании се зголемија за 11,9% годишно во септември годинава. Меѓутоа, во првите 9 месеци од 2023  профитите се намалени за 9% во однос на минатата година. Кинеската влада одобри задолжување од 1 трилион јуани за изградба и реконструкција, а во буџетскиот план го зголеми дефицитот за 2023 година на 3,8% од БДП.

    Можности за инвестирање во наредниот период

    Во 2023 година, глобалниот економски раст успори, а макроекономскиот амбиент се влоши. Делумно тоа беше предизвикано од растот на цените на потрошните добра што ја намали куповна моќ на потрошувачите и предизвика пад на реалната потрошувачка. Централните банки ја продолжија борбата со инфлацијата и се уште водат рестриктивна монетарна политика.

     Во ваков амбиент, цените на берзанските стоки почнаа да се намалуваат, но се уште постои нагорен притисок врз цените со оглед на силниот пазар на труд и растот на цените на енергенсите. Во очекување на намалување на каматните стапки и избегнување на рецесијата, инвеститорите преферираа инвестирање во акции, обврзници, но и во циклични компании, особено во оние кои работат на проекти поврзани со вештачката интелигенција, електрични возила, виртуелна реалност и слично.

     Во овие услови, фондовите на КБ Публикум инвест АД Скопје нудат можност инвеститорите да остварат соодветен принос во новонастанатите трендови и промени.

     Имено, КБ Публикум-Балансиран и КБ Публикум-Обврзници се оптимални за поконзервативни инвеститори кои сакаат да остварат повисок принос од кеш фондовите и депозитите. За оние инвеститори кои очекуваат дека ќе има намалување на каматните стапки за поттикнување на економскиот раст, што поволно влијае врз растот на златото, фондот КБ Публикум-Златен е одлична можност, заеднo со фондот КБ Публикум-Обврзници како поконзервативна опција.

     Од друга страна, фондот КБ Публикум-Акции и КБ Публикум-МБИ10 нудат одлична можност за инвеститорите кои очекуваат дека ќе се избегне рецесија и ќе се стабилизираат монетарните политики на глобално ниво. За инвеститорите кои сакаат да заштедат на пократок период, максимум до 1 година, а воедно да остварат атрактивен принос, најповолен е фондот КБ Публикум-Паричен.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично