ПОВЕЌЕ

    НЕ МОЖАТ ДА СПРЕЧУВААТ МАСАКРИ: Метал-скенери со вештачка интелигенција што се користат во училишта во САД не откриваат ножеви

    Време зa читање: 4 минути

    Безбедносна фирма која продава скенери за оружје со вештачка интелигенција на училиштата во САД е под истрага поради својата технологија откако ученик беше нападнат со нож, кој системот вреден 3,7 милиони долари не успеа да го открие, пишува Би-Би-Си.

    На Ноќта на вештерките минатата година, ученикот Ехни Лер Хто се шетал по ходникот на своето училиште во Утика, Њујорк, кога друг ученик отишол зад него и го избодел со нож. Говорејќи ексклузивно за Би-Би-Си, адвокатот на жртвата рече дека 18-годишникот се здобил со повеќе убодни рани во главата, вратот, лицето, рамото, грбот и раката.

    Ножот користен во нападот бил внесен во средното училиште Проктор и покрај мултимилионскиот систем за откривање оружје инсталиран од компанијата наречена Evolv Technology.

    Evolv Technology е безбедносна фирма која сака да ги замени традиционалните детектори за метал со скенери за оружје со вештачка интелигенција.

    Наместо едноставно откривање метал, Evolv вели дека неговиот скенер „комбинира моќна сензорска технологија со докажана вештачка интелигенција“ за откривање оружје. Кога системот ќе открие скриено оружје – како ножеви, бомби или пиштоли – активира предупредување.

    Компанијата јавно изјави дека нивниот систем е многу прецизен и претходно се пофали дека нејзините скенери можат да помогнат да се создадат „зони без оружје“. Главниот извршен директор на компанијата, Питер Џорџ, исто така рече дека нејзините системи „имаат потписи за сите оружја кои постојат“.

    Сепак, истрагата на БиБиСи откри дека тестирањето покажало дека системот не може со сигурност да открие големи ножеви – откако скенерот на Evolv пропуштил 42% од големите ножеви кои потоа биле регистрирани на други начини.

    Системот се користи на големите стадиони низ САД и Манчестер Арената во ОК. Тестерите рекоа дека Evolv треба да ги информира потенцијалните клиенти.

    И покрај ова, компанијата се проширува во училиштата и сега тврди дека е во стотици од нив низ САД.

    Во март 2022 година, Училишниот одбор на Utica го купил системот за скенирање оружје на Evolv за 13 училишта. Тој беше инсталиран за време на летните одмори. На 31 октомври, безбедносните камери го фатиле извршителот на нападот против Ехни Лер Хто како влегува во средното училиште Проктор и минува низ скенерите за оружје Evolv, според еден извор од училиштето кој ги видел безбедносните снимки. Ножот користен при прободувањето бил долг повеќе од 22,8 сантиметри.

    „Кога го погледнавме ужасното видео, сите го поставивме истото прашање. Како ученикот го внел ножот во училиштето?“ изјави Брајан Нолан, надзорник на училиштата во Утика. Нападот предизвика внатрешна истрага од училишната област на Утика.„Преку истрага беше утврдено дека системот за откривање оружје на Evolv… не бил дизајниран да открива ножеви“, рече г-дин Нолан.

    Скенерите со вештачка интелигенција набргу беа отстранети од средното училиште „Проктор“ и заменети со 10 детектори за метал. Но, скенерите сè уште работат во преостанатите 12 училишта во областа. Г-дин Нолан вели дека областа не може да си дозволи да се ослободи од системот на Еволв во преостанатите училишта.

    По тој напад, Нолан вели дека три други ножеви биле пронајдени кај ученици во други училишта во областа каде што системите Еволв продолжуваат да работат. Еден од ножевите бил долг 7 инчи. Друго беше закривено сечило со дупки за прстите. Друг беше џебен нож. Г-дин Нолан вели дека сите биле пронајдени затоа што биле пријавени кај персоналот – не затоа што скенерот за оружје ги открил.

    „Децата кои ги имаа ножевите сите рекоа дека поминале низ системот за откривање оружје, ги прашавме за тоа… тој навистина, навистина не наоѓа ножеви“, рече тој.

    По прободувањето, формулацијата на веб-страницата на Evolv се сменила. До октомври минатата година, на почетната страница на Evolv имаше наслов кој се фалеше со „Зони без оружје“. Компанијата потоа ја отстрани таа формулација и го промени текстот во „Безбедни зони“. Сега повторно е променет и пишува „Побезбедни зони“.

    Експертите за безбедност сметаат дека на пазарот се нудат многу нови производи со иновативни технолошки решенија кои се далеку од идеални и профитираат од незнаењето на своите клиенти, во случајов тоа се училишните надлежни.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично