ПОВЕЌЕ

    НБРМ им забрани на банките да делат дивиденди, препорака и за осигурителните компании

    Време зa читање: 2 минути

    Народна банка ги изненади банките и акционерите со тоа што привремено ја забрани исплатата на дивиденда на банките. Акционерите годинава нема да добијат ништо иако банките ланската 2020 година остварија високи профити. Од Народната банка велат дека причината е неизвесноста од коронакризата и се делува превентивно, иако банкарскиот сектор е стабилен. Одлуката е од привремен карактер. Ќе се преиспита во септември, кога може и да биде тргната забраната.

    „Неизвесноста од корона-кризата сè уште трае. Поради тоа, со Одлуката донесена на денешната седница, којашто е времена мерка, се делува превентивно, за натамошно зголемување на отпорноста на банкарскиот систем и одржување на стабилноста, во услови на неизвесност околу понатамошниот тек на здравствената криза“ – велат од НБРСМ.

    Ваквата одлука за банките беше како гром од ведро небо. На нозе ги крена акционерите. Ќе бараат Уставниот суд да ја преиспита одлуката што ја донесе монетарната власт.

    Од Комерцијална банка, велат дека закажале Собрание на акционери пред да се објави што одлучил Советот на НБРМ.

    „Материјалите за Собранието на акционери се усвоени од Надзорниот одбор и согласно законските прописи, се објавени во јавност пред Одлуката на Советот на НБРСМ. Очекуваме дека по однос на Одлуката на Советот на НБРСМ, Македонската банкарска асоцијација ќе изгради соодветен став, вклучувајќи и можност да се поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на оваа Одлука“ – велат од Комерцијална банка АД Скопје.

    Осигурителните компании не добија забрана, туку препорака, и тие да се воздржат, да не делат дивиденда.

    Од Агенцијата за супервизија на осигурување велат дека одлуката се носи поради заштита на осигурениците, зашто компаниите на домашниот пазар имаат пад на приходите за 5 отсто и зголемени трошоци во работењето.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично