Народната банка го објави Конкурсот за доделување годишна награда за млади истражувачи за најдобар труд во 2020 година од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи. Крајниот рок за доставување на трудовите е 1 февруари 2020 година!
Како стои за условите во Конкурсот, заради поттикнување на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи, како и афирмација на млади и стручни кадри, Народната банка на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Народната банка) доделува Годишна награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи.
Годишната награда на Народната банка изнесува 100.000,00 денари, нето.
Право за учество на Конкурсот имаат државјани на Република Северна Македонија на возраст до 35 години. Работниците на Народната банка и членовите на Советот на Народната банка немаат право на учество на Конкурсот.
Трудовите се поднесуваат на македонски или на англиски јазик. Tрудот треба задолжително да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. Трудот не смее да надминува 80.000 карактери со празните места (без фуснотите, прилозите, графиконите, табелите, апстрактот, библиографијата, анексите) и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување, коешто ги содржи следниве основни делови:
– апстракт, како и назначување на областа на истражување според стандардната класификација (Journal of Economic Literature – JEL);
– осврт на консултираната литература од областа којашто се истражува;
– опис на методите на истражување коишто се користат во трудот;
– анализа;
– заклучни согледувања и
– библиографија.
Еден автор има право да поднесе само еден труд.
Авторите имаат право да конкурираат на Конкурсот за избор на најдобар труд и со трудови коишто веќе биле објавени, но не пред 1 јануари 2018 година. При поднесувањето на трудот, авторот треба да наведе кога и каде бил објавен трудот.
Трудовите се поднесуваат до Народната банка со назнака: „За Годишната награда на Народната банка на Република Северна Македонија“, по електронски пат, во формат „word“, на е-адресата: [email protected]. Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци. Доставените трудови ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер.
Изборот на најдобар труд го врши Одборот за оценување, којшто се состои од тројца членови, од кои најмалку еден е лице кое не е вработено во Народната банка. Гувернерот на Народната банка ги назначува претседателот и членовите на Одборот за оценување, со решение коешто ќе се објави на интернет-страницата на Народната банка. Одборот за оценување го врши изборот на најдобар труд анонимно, преку вреднување на трудовите влезени во потесна конкуренција според следниве критериуми:
1. Релевантност на истражуваното подрачје за македонскиот случај;
2. Соодветност на освртот на литературата од анализираното подрачје;
3. Јасност во дефинирањето на проблемот и на целите на истражувањето;
4. Соодветност на описот на контекстот и информациите (соодветност на анализата на трендовите во анализираното подрачје во Република Северна Македонија);
5. Соодветност на користениот статистичко-економетриски пристап;
6. Конзистентност и логичност на тезите во трудот;
7. Заклучоци и препораки и нивна соодветност.
Одборот за оценување може да додели награда за второрангираниот труд на Конкурсот во износ од 50.000,00 денари, нето.
Краен рок за доставување на трудовите е 1 февруари 2020 година.
Годишната награда на Народната банка ќе се додели на настан организиран по повод Денот на монетарното осамостојување на Република Северна Македонија.
Содржината е преземена од интернет-страницата на Народната банка на Република Северна Македонија.