ПОВЕЌЕ

    Народна банка: Во соработка со ХНБ јакнат капацитетите за интеграција кон Европскиот систем на централни банки

    Време зa читање: 2 минути

    Во рамките на Втората фаза од Регионалната програма финансирана од ЕУ за зајакнување на капацитетите на централните банки од Западен Балкан, насочена кон исполнувањето на критериумите и условите за интеграција во Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ), Народната банка ја оствари билатералната мерка за запознавање со Правилата на Европската централна банка за сметководствено евидентирање и финансиско известување на ЕСЦБ.

    Првата експертска мисија за билатералната мерка, која се одржа од 4 до 6 октомври, беше водена од двајца експерти од Хрватската народна банка. Главната цел на мисијата е да се сподели и да се продлабочи знаењето на експертите од НБРСМ за потребните подготвителни активности за воведувањето на сметководствените политики во согласност со Правилата за сметководствени политики на ЕЦБ (ECB Accounting Guideline), да се разгледаат практичните примери за спроведување на сметководствените политики и предизвиците во финансиското известување од влезот во Европската унија.

    Беа обработени повеќе области меѓу кои: сметководствената евиденција и системот на финансиско известување во Хрватската народна банка, законските решенија поврзани со капиталот и резервите, вреднувањето на позициите од билансите и нивна презентација во согласност со сметководствените правила на Европската централна банка и разликите во однос на Меѓународните стандарди за финансиско известување – МСФИ, развивањето софтверски решенија, како и процесот на паралелно водење на сметководството на двата начина и известувањето во периодот пред приклучувањето на Хрватската народна банка во Евросистемот.

    Стекнатите сознанија од соработката со експертите на Хрватската народна банка, кои безрезервно ги споделија своите знаења, искуство и воспоставените практики, се од големо значење за НБРСМ во процесот на спроведување на подготвителните активности за примена на Правилата за сметководствени политики на ЕЦБ.

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично