ПОВЕЌЕ

    Народна банка за 1,5 милион евра склучи договор за печатење на пари

    Време зa читање: 2 минути

    За 1,5 милион евра Народна банка склучи договор за печатење на банкноти во вредност од 1.000 и 2.000 денари. Договорот е склучен на 22 декември со англиската компанија De La Rue Internacional Limited.

    Поголемата набавка во вредност од 957 243 евра се однесува за печатење на банкноти во вредност од 1.000 денари. Со втората набавка во висина од 498 287 евра ќе се плати печатењето на банкнотите од 2.000 денари.

    Договорот е склучен за една година, при изборот клучна била најниската цена. Од Народната банка појаснуваат дека не станува збор за вонредно печатење на пари поради ризик од инфлација, туку редовно заменување на дотраените банкноти.

    – Во конкретниов случај, единствена причина е редовна набавка на пари за редовна замена на дотраените банкноти кога тие ќе бидат оштетени и несоодветни за оптек. Воопшто не станува збор за пуштање во оптек на поголема количина на пари и ризик од инфлација. Имено, станува збор за редовна повеќегодишна набавка на пари којашто се спроведува согласно извршените анализи и долгорочни проекции за животниот век на секоја поединечна деноминација на парите и редовна замена на парите коишто во текот на циркулацијата ги изгубиле своите карактеристики за соодветност за оптек.

    Kоличината на парите со апоенска вредност од 1000 денари, којашто е предмет на вашиот интерес, е вообичаена количина која се набавува за надополнување на залихите и одржување на рамномерна застапеност на сите апоени во оптек. Согласно со извршените процени оваа количина ќе обезбеди непречена замена на оштетените банкноти на среден рок, во зависност од количината на парите кои што се повлекуваат како несоодветни за оптек, истакнуваат од централната банка.

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично