ПОВЕЌЕ

    Најчитано на ПАРИ во 2022 – мај

    Време зa читање: 8 минути

    Почитуван читателу,

    Порталот Пари (pari.com.mk) е присутен релативно кратко во медиумскиот простор, сепак брзо успеа да го добие вашето внимание пред се поради квалитетот и ексклузивните содржини што се објавуваат. Затоа, Ви благодариме за поддршката изминатата година и интересот да прочитате нешто поразлично од она што секојдневно се пласира. Нашата цел беше и ќе остане да бидеме објективен финансиски портал кој исклучиво ќе се потпира на реални бројки, анализи, споредби за да се добие вистинската слика за домашната економија, но и за да му се помогне на бизнисот.

    На нашите анализи работат новинари со повеќедецениско искуство во новинарството со импресивно искуство позади себе, а често наши гости преку свои колумни и интервјуа се најдобрите финансиски експерти во земјава.

    Бројките се нашето најсилно оружје, а текот на парите најдобра трага. Кој ги врти парите во Македонија? Драг читателу, ако редовно ги читаше нашите анализи лани, се надеваме дека многу нешта во економијата се разјаснија. Во продолжение ќе ги публикуваме уште еднаш нашите анализи и текстови кои побудија најголем интерес кај вас во годината што измина.

    Се најдобро,

    Редакција Пари

    ЕКСКЛУЗИВНО: За ковид-тестови во приватните лаборатории сме потрошиле над 50 милиони евра, само 26% се направени на државно

    Повеќе од 50 милиони евра оставиле граѓаните во приватните лаборатории за да направат околу 1,5 милиони тестови за корона од почетокот на пандемијата па до сега. Ова го покажува една груба пресметка, ако се земе просечна цена на ПЦР тестови од 2.800 денари, кои учествуваат со две третини во вкупниот број на тестови, покажуваат податоците за ковид тестирањата во земјава до кои ексклузивно дојде порталот „ПАРИ“.

    Имено, на почетокот на пандемијата, ПЦР- тестовите се правеа и по цени од 6.000 денари, потоа најчесто се споменуваше цена од 2.500 денари, за да подоцна, како нова лабораторија, најниски промотивни цени донесе Никоб-лаб од  1.000 денари. Брзите антиген тестови, кои учествуваат со една третина во вкупниот број на направени тестови, беа по пониски цени,  некаде околу 1.000 денари во просек.

    Пресметка: 1.000.000 ПЦР-тестови 2.800 денари + 500.000 X 1.000 денари =  3.300.000.000 денари ( 53,6 милиони евра)

    МОМЕНТАЛНИ ЦЕНИ НА ТЕСТОВИ ЗА КОРОНА:

    Приватна лабораторијаPCR - ТЕСТРапид антиген тест
    Биотек2.000 ден1.000 ден.
    Никоб Лаб1.400 ден1.000 ден.
    Авицена2.000 ден.900 ден.
    Систина1.900 ден.900 ден.
    Жан Митрев Клиника2.200 ден.1.500 ден.

    Порталот „Пари“ дојде до ексклузивна статистика во однос на направените ковид-тестови. Податоците покажуваат дека за повеќе од 2 години се направени 2.013.928 тестови за корона. Притоа, само 528.496 теста се направени во државните здравствени институции, 9 резултати се заведени од странски лаборатории, а дури 1.485.423 се направени во приватни лаборатории. Или, изразено во проценти, во државното здравство се направени 26,2 отсто од сите тестирања за корона вирусот, додека дури 73,8 проценти од тестирањата се извршени во приватниот здравствен систем!

    ТЕСТИРАЊА ЗА КОРОНА ОД ПОЧЕТОК НА ПАНДЕМИЈАТА

    Вкупен број на тестовиТестови во јавно здравство% на тестови во јавно здравствоТестови во приватно здравство% на тестови во приватно здравство
    2.013.928528.49626,2% 1.485.42373,8%

    Од здравствен аспект пак, бројките покажуваат дека од вкупниот број на тестирања (2.013.928), позитивни биле 309.310, односно 15,3 проценти од тестираните граѓани.

    Што се однесува до структурата на ковид – тестовите, 1.361.996 се PCR- тестови, а 651.932 се рапид антиген тестови.

    ЕКСКЛУЗИВНО: За ковид-тестови во приватните лаборатории сме потрошиле над 50 милиони евра, само 26% се направени на државно

    „ПАРИ” АНАЛИЗА: Борба за секој денар, а пари нема

    Совршената економска бура која го погоди светот и нас во Македонија, а е предизвикана од пандемијата, скапа електрична енергија, инфлација и безбедносна криза во Украина, полека кај граѓаните се претвора во борба за секој денар. Според последните податоци на Управата за јавни приходи, заклучно со 23. мај 2022 година, скоро 12% (или точно 11,7%) од вработените во приватниот сектор немаат земено плата.

    „Заклучно со 23 мај 2022 година, за месец април 2022 година МПИН пресметката не ја платиле 9,215 работодавачи за 31,372 вработени лица работодавачи, додека 5,426 работодавачи за 12,352 вработени лица воопшто не поднеле и не платиле МПИН пресметка за месец април 2022 година“, велат од УЈП.

    Ако се земе во предвид дека во Македонија за април требаше да се исплатат 504.421 плати, и ако од оваа бројка се одземаат платите на 132.088 лица вработени во јавниот сектор за кои секогаш има пари за плати, ќе се види дека 43.724 од 372.333 вработени во приватните фирми не земале плата.

    „ПАРИ” АНАЛИЗА: Борба за секој денар, а пари нема

    „ПАРИ“ ОТКРИВА: 10 градежни фирми со чист профит од над 20 милиони евра, кој доби, а кој изгуби лани!

    Во услови на криза, прво предизвикана од пандемијата, а потоа и од руско-украинската војна, најбрзо страдаат проекциите за капиталните инвестиции, а тоа значи помал ангажман и на градежните компании. Но, она што беше добрата страна за градежништвото во изминатиов период е градежната експанзија во однос на станбената изградба. Интересно, колку и да се градат нови станови во Скопје, за нив има интерес. Од градежната фела велат дека се распродавале и цели згради уште во текот на градбата. Економистите ова го поврзуваат и со страв од чување пари во несигурни времиња, како и од страв да не девалвира денарот, што е предизвикан од постојано шпекулирање на таа тема. Притисокот на страната на понудата дозволи раст на цените, па Народната банка го евинтираше скокот од дури 12,4 проценти за само една година (прв кавартал од 2022 година споредено со прв квартал од 2021 година).

    Порталот „Пари“ во соработка со БизнисМрежа.мк ги анализираше приходите и добивките на најголемите градежни компании во Македонија. Заклучокот е дека има промени во 2021 година во однос на најприходните и најпрофитабилните градежни фирми во 2020 година, но дека прометот, односно приходите на врвните 10 позиции е сличен како и лани, а истото се однесува и за добивките.

    Првите 10 компании кои се на листата со најголеми приходи, заедно оствариле промет од 144,6 милиони евра. Во 2020 година пак, тие што беа на тогашната листа ТОП 10 компании по приход остварија вкупни приходи од 149 милиони евра. Интересен е и фактот што годинава, листата на најприходните компании е поинаква од ланската. Сега во првите 10 влегле „Саник инженеринг“- Скопје, „Крмзов –мр“- Струмица, „Џвахир групација“ – Турција, подружница РСМ и „Специјал“-Скопје, а излегле: „Афердита И“- Кичево, „Серка Тааххут Иншаат Ааноним Ширкети“ – Р.Турција – подружница во Гевгелија, „Офис ком“- Скопје и „Сим инженеринг“ – Струмица.

    „ПАРИ“ ОТКРИВА: 10 градежни фирми со чист профит од над 20 милиони евра, кој доби, а кој изгуби лани!

    ИНТЕРВЈУ | СТАВРЕВА СТОЈАНОВА: Интензивно вложуваме во дигитализација и трансформација на експозитурите во модерни финансиски институции

    „Ние во НЛБ Банка на дигитализацијата гледаме како мотив и иницијатор за трансформација на експозитурите. Наместо места за извршување едноставни платежни трансакции, нашите експозитури се претвораат во финансиски институции каде клиентите финансиски се советуваат, каде може да изберат помеѓу повеќе финансиски и нефинасиски продукти и сервиси и каде ние ги сервисираме нивните покомплексни финансиски потреби”, вели Маја Ставрева Стојанова, Директор на сектор за управување со продажна мрежа во НЛБ Банка Скопје, а од неодамна и Помошник на Управниот одбор од оваа област во интервју за порталот Пари.

    Ставрева Стојанова е веќе две децении во банкарството и повеќе од 15 години во НЛБ Банка Скопје, каде напредува од раководител на експозитура до позицијата Директор на сектор за управување со продажна мрежа која ја извршува од 2015 година. Таа вели дека иако банкарството е единствената индустрија во која досега работела, сепак нејзината кариера кореспондира со растот, развојот и промените во секторот, што и дава можност за постојана професионална надградба и усовршување на компетенциите.

    Како искусен професионалец кој одлично ги познава приликите и трендовите во банкарството, со Ставрева Стојанова разговаравме за еден од најголемите предизвици со кој се соочува банкарскиот сектор, за дигитализацијата, перспективите за натамошен развој на деловната мрежа и визијата и улогата на банкарските експозитури во иднина, како и за актуелните случувања во секторот. 

    ИНТЕРВЈУ | СТАВРЕВА СТОЈАНОВА: Интензивно вложуваме во дигитализација и трансформација на експозитурите во модерни финансиски институции

    АНАЛИЗА НА СИРОМАШТИЈАТА ВО РЕГИОНОТ: Во Словенија оние што статистиката ги смета за сиромашни, во Македонија би биле солидна средна класа

    Во Македонија, Србија и Црна Гора, стапката на сиромаштија во однос на вкупното население се движи околу 21%, додека пониски стапки, очекувано, имаат Словенија и Хрватска. Во однос на стапката на сиромаштија кај невработените, таа е највисока во Македонија, но кај нас, пак има најниска стапка на сиромаштија кај пензионерите. Но, причините за ова се во приходите со кои располагаат жителите во една земја, па износот што статистичарите го пресметуваат како праг на сиромаштија е различен од земја во земја, а во Македонија е убедливо најнизок. Така, со парите на сиромашниот Словенец, Македонецот би бил солидна средна класа. Имено, во Словенија долниот праг на сиромаштија за едночлено семејство е 8.864 евра на годишно ниво (738 евра месечно) , за разлика кај нас, каде што е 1.800 евра годишно (150 евра месечно).

    Ова е заклучокот до кој дојде порталот „Пари“ по претрагата низ податоците од државните заводи за статистика во околните земји, откако деновиве Државниот завод за статистика ги објави податоците за Македонија.

    ЗОШТО ИМА РАЗЛИЧНИ ПРАГОВИ НА СИРОМАШТИЈА?

    АНАЛИЗА НА СИРОМАШТИЈАТА ВО РЕГИОНОТ: Во Словенија оние што статистиката ги смета за сиромашни, во Македонија би биле солидна средна класа

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично