ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ | СТАВРЕВА СТОЈАНОВА: Интензивно вложуваме во дигитализација и трансформација на експозитурите во модерни финансиски институции

    Време зa читање: 8 минути

    „Ние во НЛБ Банка на дигитализацијата гледаме како мотив и иницијатор за трансформација на експозитурите. Наместо места за извршување едноставни платежни трансакции, нашите експозитури се претвораат во финансиски институции каде клиентите финансиски се советуваат, каде може да изберат помеѓу повеќе финансиски и нефинасиски продукти и сервиси и каде ние ги сервисираме нивните покомплексни финансиски потреби”, вели Маја Ставрева Стојанова, Директор на сектор за управување со продажна мрежа во НЛБ Банка Скопје, а од неодамна и Помошник на Управниот одбор од оваа област во интервју за порталот Пари.

    Ставрева Стојанова е веќе две децении во банкарството и повеќе од 15 години во НЛБ Банка Скопје, каде напредува од раководител на експозитура до позицијата Директор на сектор за управување со продажна мрежа која ја извршува од 2015 година. Таа вели дека иако банкарството е единствената индустрија во која досега работела, сепак нејзината кариера кореспондира со растот, развојот и промените во секторот, што и дава можност за постојана професионална надградба и усовршување на компетенциите.

    Како искусен професионалец кој одлично ги познава приликите и трендовите во банкарството, со Ставрева Стојанова разговаравме за еден од најголемите предизвици со кој се соочува банкарскиот сектор, за дигитализацијата, перспективите за натамошен развој на деловната мрежа и визијата и улогата на банкарските експозитури во иднина, како и за актуелните случувања во секторот. 

    Пари: Забрзаната дигитализација, во голема мера наметната од пандемијата, ја забрза и имплементацијата на нови трендови во работењето на банките. Дали и како електронското и мобилното банкарство влијаат на работата и фрекфенцијата на клиентите во експозитурите?

    Ставрева Стојанова: Свесни за бројните придобивки од дигитализацијата, како што се: поголема достапност до услугите, нивна речиси неограничена временска и просторна расположливост, како и намалените трошоци, токму банките беа меѓу предводниците во воведувањето на дигиталните технологии на услугите, како на глобално, така и на локално ниво. Ние во НЛБ Банка сме особено горди што сме помеѓу пионерите во воведувањето на дигиталните трендови и технологии во банкарското работење во нашата земја, како и во информатизација на процесите кои имаат значајна улога во зголемување на задоволството и обезбедување врвно корисничко искуство на нашите клиенти. Имено, нашите банкарски апликации, како што се мобилната банка и дигиталниот паричник, беа меѓу првите дигитални алатки кои им овозможија на нашите клиенти да ги почувствуваат придобивките од ИТ технологијата. Од друга страна, сèуште актуелната пандемија и ограничувањата која таа ги наметна, дополнително го динамизираше процесот на дигитализација и влијаеше на тоа да се зголеми бројот на клиенти, кои наместо во експозитурите, своите трансакции и плаќања ги извршуваат преку дигиталните канали. Сметам дека и во наредниот период сѐ повеќе клиенти ќе ги користат банкарските услуги преку своите ИТ уреди, особено помладите кои го живеат времето на дигитализацијата. Сепак, и покрај ваквиот сѐ понагласен тренд, продажната мрежа на банките и натаму ќе има свое значење, бидејќи голем е бројот клиенти за кои консултацијата со банкарскиот комерцијалист “во живо” е од пресудна важност при изборот на банкарски производ или услуга.

    Пари: Кампањата „Мудро без хартија” која неодамна ја лансираше НЛБ Банка го промовира безхартиеното банкарско работење и користењето на дигиталните канали во извршување на банкарските услуги. Сепак и натаму бројот на експозитурите на НЛБ Банка се зголемува, голем е и бројот на граѓани кои чекаат за услуга која може да ја извршат и електронски. Како ја усогласувате стратегијата на Банката со ваквите трендови? Дали паралелно работите на дигитализација и оптимизација на користењето на хартија во експозитурите?

    Ставрева Стојанова: Во согласност со стратегијата за управување со животната средина и одржливиот развој, како и определбата за целосна усогласеност на своето работење кон иницијативите за еколошка, општествена и управувачка одговорност, попозната како ESG стандард, НЛБ Групацијата, а во тие рамки и НЛБ Банка Скопје, започна со реализацијата на кампањата „Мудро без хартија“, чија основна цел е намалување на потрошувачката на хартија во деловното работење на Банката. Нашите очекувања се дека со оваа кампања, само во текот на оваа година, ќе успееме да ја намалиме потрошувачката на хартија во Банката за 20%, со што во суштина би се спасиле од уништување повеќе од 100 дрва. Истовремено, се надеваме дека со кампањата ќе ги охрабриме и мотивираме и нашите клиенти и целата јавност што помалку да користат хартија, а повеќе да ги користат можностите што ги нуди дигиталната технологија, со што ќе придонесат за заштита на шумите, а преку тоа ќе дадат значаен придонес во справувањето со предизвиците на денешнината, како што се: загадувањето на воздухот, климатските промени, заштита на животната средина и биодиверзитетот.

    Ние во НЛБ Банка не гледаме на дигитализацијата како причина за намалување на бројот на експозитури, туку како мотив и иницијатор за нивна трансформација. Тоа значи дека наместо места за извршување едноставни платежни трансакции, нашите експозитури се претвораат во финансиски институции каде клиентите финансиски се советуваат, каде може да изберат помеѓу повеќе финансиски и нефинансиски продукти и сервиси и каде ние ги сервисираме нивните покомплексни финансиски потреби.

    Пари: Кон крајот на минатата година, ја отворивте првата дигитална експозитура во Ист Гејт Мол. По што таа се разликува од останатите и дали е тоа тренд кој ќе следи кога станува збор за современа банкарска експозитура?

    Ставрева Стојанова: Основната разлика помеѓу традиционалните и дигиталните банкарски експозитури е примената на технологијата. За разлика од традиционалните, кај  дигиталните експозитури, каква што е новата експозитура на НЛБ во Ист Гејт Мол, токму развојот и примената на напредната технологија овозможува сервисирање на едноставните потреби на клиентите самостојно, без физичко посредство на банкарски службеник. Секако, трендот на дигитализација ќе го следиме и ќе го применуваме и понатаму, преку отворање нови технолошки напредни експозитури, како и преку вложување во натамошна информатизација на банкарските производи кои се нудат во постојните експозитури. Ова ќе го олесни пристапот на нашите клиенти до производите на Банката и ќе ја зголеми оперативноста на персоналот и брзината при извршување на банкарските услуги во целата продажна мрежа на НЛБ Банка.

    Пари: Од неодамна стапи на сила Законот за платежни услуги и платни системи со кој се овозможува влез на нови даватели на платежни услуги, нови платежни услуги и намалување на надоместот за трансакциите. Како гледате на либерализација на финансискиот пазар која предвидува и поголема транспарентност, дали и како сметате дека ова ќе се одрази на деловниот однос со клиентите и унапредување на комуникацијата со нив?

    Ставрева Стојанова: Покрај предизвиците што ги носи, секоја промена креира и нови можности. На таков начин ние во НЛБ Банка гледаме и на промените што ќе ги донесе новиот Закон за платежни услуги. Првенствено, овие измени ќе ја зголемат конкуренцијата, што се очекува да донесе позитивни придобивки за натамошниот развој на финансискиот пазар. Истовремено, новата легислатива се очекува да донесе и позитивни придобивки за крајните корисници на финансиски услуги и нивните потрошувачки права. Таа треба да им овозможи на банките уште подобро и подлабоко да ги запознаат своите клиенти, што директно ќе придонесе за натамошно унапредување на комуникацијата и деловниот однос со нив. Идејата од каде тргнуваат сите овие промени се прават е одлична. Од друга страна, праксата несомнено ќе нѐ исправи пред повеќе предизвици. Сепак, токму преку совладување на предизвиците сите имаме можност да учиме и да се подобруваме.

    Пари: Народната Банка ја зголеми основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, а комерцијалните банки веќе прават калкулации за корекции на каматните стапки на кредитите. Како експерт кој долги години е во банкарство, земајќи ги предвид околностите, какви се вашите предвидувања на долг рок кога станува збор за каматните стапки на кредитите и дали очекувате позитивни поместувања на каматите на депозитите?

    Ставрева Стојанова: Како многупати досега, така и за време на актуелните големи кризи предизвикани од пандемијата, инфлацијата и војната во Украина, банкарскиот систем, како столб на целокупниот финансиски систем на земјата, одново ја покажа својата цврстина и отпорност. При тоа, благодарение на својата силна ликвидност, токму банките ја обезбедуваат неопходната поддршка на граѓаните и компаниите за да можат тие да ги надминат актуелните предизвици и да продолжат со растот и развојот.

    Како и сите цени, така и каматите како цени на банкарските производи, зависат од актуелните пазарни движења и од одлуките на регулаторот. Со последната одлука за зголемување на основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, Народната банка испрати јасен сигнал до банките да бидат внимателни во управување со својата ликвидност како ѝ понатаму би биле главниот фактор на стабилност на финансискиот систем. Очекувам дека деловните банки и овојпат, како и досега, ќе ги следат ваквите сигнали и согласно  пазарните движења ќе извршат соодветно прилагодување на својата каматна политика во делот на кредитите и секако во делот на депозитите.

    Редакција Пари

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично